Поранешниот директор на Здравстен дом Охрид М.Д., осомничен за финансиски криминал, сам се пријавил во охридската полиција, четири месеци по поднесувањето на кривична пријава против него за финансиски криминал.
-Осомничениот рано утрово околу 6 часот самоиницијативно се пријави во СВР Охрид, по што веднаш е спроведен во казнено поправната установа Затвор – Охрид. Во врска со целокупниот настан во текот на месец март распишана е централна потерница по осомничениот. Нему денеска му е одредена мерка притвор во траење до 30 дена. Инаку, оваа наредба за приведување и одредување мерка притвор е согласно решение на судија издадено во месец февруари оваа година.-изјави портпаролот на СВР Охрид Стефан Димовски.
Поранешниот директор и двајца негови блиски соработници се товарат дека во периодот 2010-2014 година сториле повеќе кривични дела и тоа „Проневера во службата“, „Поттикнување“, „Помагање“ и „Фалсификување или уништување на деловни книги“. По спроведената детална истрага, Управата за финансиска полиција утврдила дека во периодот 2010-2014 година во Здравствениот дом во Охрид проневерени се вкупно 7.565.302,00 денари за кој износ ќе одговараат трите пријавени лица.
Основниот суд Охрид заради сериозноста на кривичното дело, можноста за влијание врз сведоци и опасноста од повторување на делото, на трите пријавени лица им одреди мерка притвор во траење од 30 дена. Двајца од пријавените беа уапсени од страна на Финансиската полиција на 19- ти февруари, додека поранешниот директор на Здравствениот дом Охрид до сега беше недостапен за истражните органи.
OhridNews