Врховниот суд во Индија денеска донесе одлука индискиот бизнисмен Субрата Рој да излезе од притвор со кауција од 50 милијарди рупии (околу 830 милиони американски долари) кои неговата компанија треба да ги исплати на националното регулаторно тело СЕБИ. Дополнително на истиот износ тој треба да обезбеди банкарски гаранции.
За предлогот на Вровниот суд одбраната на Рој треба да се изјасни до утре.
Субрата Рој наоѓа во затворот Тихар од крајот на февруари, кога беше приведен под обвинение за финансиска измама на малите инвеститори со кои соработувала неговата „Сахара груп“ вредна 2,4 милијарди евра.
Дневник повикувајќи се на индиските медиуми, објави дека групацијата „Сахара груп“ вчера излегла со нов предлог за враќање на парите, односно понуди да го намири долгот на пет рати. Првата, најмалата рата да ја плати во следните три-четири дена, следните во јуни, септември и декември, а целата сума да ја исплати заклучно со 31 март 2015 година.
Медиумите во Индија објавија информација дека Субрата Рој има сериозни здравствени проблеми откако е во притвор. Извор од затворот им изјавил дека милијардерот има многу висок притисок, пати од несоница и не јаде ништо со денови. За цело време додека е во притвор пиел многу лекови и постојано имал потреба од лекарска грижа.
Додека се чека судската разврска на еден од најактуелните случаи во Индија во моментов, од групацијата „Сахара Македонија“, која треба да ги спроведува инвестициите на Рој во земјава, тврдат дека се’ се одвива според планираното. Оттаму велат дека нема никакви промени во плановите за инвестиции во Македонија, односно дека во моментов течат активностите поврзани со проектот млекарница во Џумајлија, а за другите проекти се исполнуваат административните услови. Освен во агрокомбинатот „Џумајлија“, Рој најави дека ќе инвестира и во луксузен туристички комплекс во Љубаништа, а планира да гради и 30-метарска статуа на Мајка Тереза во центарот на Скопје.
OhridNews
извор:„Дневник“