Наредната недела ќе се одржи уште едно во низата судски рочишта за имотите во авто кампот Градиште на жители од крајезерската туристичка населба Пештани. Иако во неколку наврати Управниот суд пресудил во нивна корист, пештанци велат дека институциите ги игнорираат и остануваат на ставот дека не постојат услови за враќање на земјиштето кое е денационализирано во 1957 година. Тие денеска одржаа протест пред влезот на авто кампот „Градиште“ на кој побараа „Правда за Градиште“ и враќање на имотите, шпо примерот на Македонската православна црква, на која државата и го врати денационализираниот имот.

21 година трае ова агонија. Сите закони се во наша корист исто така и Уставот и  мора да се истрае. Со нашите имоти стопанисува узурпатор  кој нема никаков документ. Според пресуда на Управниот суд внатре стои дека тој има третман на узурпатор. – беше речено на протестот.

Пештанци бараат доследна примена на Законот за денационализација донесен од парламентот. Рекоа дека иако се оштетени, не им се дозволува ниту влез во кампот, додека таму некој прави милиони на нивните имоти милиони. Истакнаа дека отштетата која им се нуди од 240 до 270 денари за метар квадратен е неприфатлива за нив, нидејќи е далеку од реалната пазарна цена за атрактивното земјиште на кое е изграден авто кампот „Градиште“.

Ова не е земјоделско земјиште, нека ни го вратат. Ако треба на државата да и дадеме по 200 денари спремни сме сите да и дадеме да не ја оштетиме и имотот да го вратиме назад. Тука има профитери и криминал. – истакнаа учесниците на протестот што го организираше здружението „Оревче“.

Стотината наследници од 36 семејства бараат враќање на околу 15.000 метри квадратни атрактивен имот во Градиште, чијха вредност се проценува на околу 30 милио9ни евра. Тие предупредија дека ова е последен мирен собир и најавија дека ќе ги радикализираат протестите доколку не добијат правда, а тоа според нив е враќање на имотите на наследниците или обештетување по пазарна цена.

Реагираше фирмата ТД МКМ Нова Трејд ДООЕЛ, с.Пештани, Охрид – закупец на aвтокампот Градиште. Оттаму посочуваат дека имаат уреден договор за закуп со закуподавецот ИНЕКС Горица АД Охрид и ги поседуваат сите потребни одобренија и дозволи издадени од надлежните институции и оттаму нема да дозволат да биде загрозено нивното работење.

Ангажиравме дополнително обезбедување и ги превзедовме сите неопходни мерки за зачувување на безбедноста и сигурноста во Автокампот, а со оглед на дадените изјави од страна на организаторит на протестите, дека истите можат насилно да ескалираат, да се запали Автокампот и слично. – се вели во соопштението за јавност што го испшрати закупецот на aвтокампот „Градиште“.

Од ТД МКМ Нова Трејд нагласуваат дека компанијата закупец на автокампот, нема ништо заедничко со барањета за враќање на имотите од страна на поранешните сопственици и ниту на било кој друг начин може да влијае на таа постапка. Најавуваат преземање соодветни правни мерки со цел заштита на имотот со кој стопанисуваат и нивните интереси.

Ги упатуваме на решавање на тоа прашање низ институциите на системот надлежни за решавање на таа проблематика. Воедно, напоменуваме дека со ваквите активности и блокади на Автокампот од страна на здружението „Оревче“ ни се нанесува значителна репутациска и материјална штета, за што, по консултација со нашиот правен тим, ќе поднесеме соодветна пријава пред надлежните органи за понатамошно постапување. – стои во соопштението на фирмата закупец на кампот „Градиште“ ТД МКМ Нова Трејд.

OhridNews