Денеска во раните попладневни часови се отстранети полициските блокади коишто од петокот беа поставени на двете улици во центарот на Куманово, на коишто се наоѓаат објекти на државни институции, судот и зградата на СВР Куманово.

Според граѓаните, сега слободно се одвива сообраќајот по улиците „11 Октовмри“ и „Тодор Велков“, кои од петокот беа блокирани. Исто така, не е забележливо зголемено присуство на полицијата во овој дел од Куманово.

Министерството за внатрешни работи во петокот соопшти дека споменатата блокада на сообраќајот е поради преземање мерки за зголемена безбедност во Куманово. Претходно во саботата од Регионалниот центар за управување со кризи, соопштија дека добиле известување дека улиците се блокирани поради превентивни полициски активности.

На споменатите две улици се наоѓаат зградите на важни државни институции и установи, како судот, СВР Куманово, општината, подружницата на „Македонски пошти“, и неколку локални подружници на државни институции.

Изминатиот викенд во Куманово беше изведена полициска акција за разбивање на терористичка група, во која загинаа осум полицајци, а 37 беа повредени. Десетина терористи беа убиени, а 30 се предадоа и одреден им е притвор.

Комисија на Владата и на Општина Куманово започна проценка на штетите на домовите на населението, чии куќи беа оштетени и најавено е целосно покривање на штетите.

 

OhridNews

Извор: „Макфакс