Во земјотресот со магнитуда од 6,4 степени по Рихтер кој денеска наутро го погоди јужниот дел од Тајван, загинале најмалку осум луѓе, 462 лица се повредени, а под урнатините сé уште се наоѓаат околу 30 луѓе, пренесува телевизијата TVSB, повикувајќи се на спасувачките служби.

Според Американската геолошка служба, земјотресот со магнитуда од 6,4 степени по Рихтер, првично беше соопштено за силина од 6,7 степени, го погоди јужниот дел од островот Тајван, во 3,57 часот по локално време. Епицентарот на потресот бил на 25 километри јужно од градот Јуџинг, а хипоцентарот на длабочина од 10 километри. Земјотресот најсилно се почувствувал во двомилионски град Тајинан, каде што првично беше соопштено за три жртви, па бројката се искачи на пет, а подоцна и на седум загинати.

Спасувачката операција е насочена во прв ред кон зградата со 16 ката каде што најмалку уште 30 лица сé уште се затрупани под купиштата бетон. Од загинатите шест се пронајдени во урнатите на оваа зграда, додека две починале на други локации во градот, како жртви на уривање на делови од објекти. Повеќе од 200 станари во шеснаесеткатнцата се спасени, од кои 40 се хоспитализирани. Според прецизираните податоци, во зграда имало 96 станови и во моментот на уривањето 256 станари.

На самото место е премиерот Чанг Сан-чен, а во помош на спасувачите испрати 400 војници. Кина, која што со Тајван има затегнати односи, изрази сочувство за жртвите, а кинескиот Црвен крст издвои првична помош од 300.000 американски долари за справување со последиците од земјотресот, пренесе кинеската државна агенција Џинхуа.

Тајван лежи на сеизмички активната област ткн Пацифички огнен прстен, а во 1999 година беше погоден од земјотрес со магнитуда од 7,7 степени во кој загинаа 2.400 луѓе.

OhridNews
Извор: „Макфакс“