За украсување на град Скопје и уште 15 други општини во земјава за Новата 2021 година се потрошени вкупно 405 илјади евра, што е за 40 проценти помалку од лани, се вели во соопштението на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК), кој денеска ги објави истражувањето и базата на податоци на трошоците за новогодишно украсување на општините низ земјава и купените новогодишни пакетчиња за децата.

Како што стои во соопштението, од украсување за новата 2021 година се откажале девет општини кои имале тендери за претходната година. Вкупно 14 општини имале тендери за украсување и лани и годинава, а три општини и едно државно претпријатие немале лани, но имале тендери за новата 2021 година.

Сите општини кои имале тендери за украсување и во претходната година, за дочекот на 2021 година потрошиле помалку пари отколку лани, освен Општина Битола која за дочекот на годинава ги зголемила овие трошоци за 26 %.

Вкупниот износ на договорите за украсување на главниот град од Градот Скопје и овие три општини изнесува 298 илјади евра, што е 75 % од сите пари потрошени за новогодишно украсување во земјава. Според висината на вредноста на договорите следат скопски Аеродром, Радовиш, Охрид и Гази Баба.

Градот Охрид ги намали трошоците и обемот на новогодишно украсување

Од ЦГК соопштуваат дека и годинава, најголем дел од вредноста на договорите за украсување добиле две скопски фирми – Линк Медиа Плус и Метал-Вет-Ел, а на половина од тендерите имало само по една понуда.

Новогодишни пакетчиња за 2021 година, според ЦГК, купиле 56 институции. Вкупно 14 од нив спровеле тендер, а другите 42 купиле пакетчиња во вредност под илјада евра за што не се спроведува тендер. Цените на едно новогодишно пакетче се движат од 150 до 1.249 денари. По оваа цена Општина Новаци набавила помал дел од неколкуте видови новогодишни пакетлиња обезбедени со спроведената јавна набавка, по што следи град Скопје кој најскапите пакетчиња ги платил по цена од 954 денари.

OhridNews