Бројот загинати во терористичкиот напад од саботата во луксузниот трговски центар во кениската престолнина Најроби, се зголеми на 59 загинати и повеќе од 200 ранети, јавува Реутерс, повикувајќи се на министерот за внатрешни работи на Кенија, пренесува „Макфакс“. 

Според агенциите, кениските безбедносни сили се обидуваат во неделата за ја завршат заложничката драма од нападот на сомалиските исламисти, при што сеж уште не е познато колку лица се земени во заложништво. Процените се движат од седум до 36 заложници. Очевидци соопштија дека напаѓачите им дозволиле да го напуштат трговскиот центар Њестгате само на муслиманите.

Според неименуван висок кениски функционер во нападот за кој одговорноста ја презема сомалиската исламистичка група Ал Шабаб, ранети се повеќе од 300 луѓе.

Терористичката група од десетина луѓе коишто зборувале на арапски и сомалиски јазик со употреба на автоматски пушки и гранати во саботата го нападна луксузниот трговски центар кој е особено посетен во текот на викендите. Инаку овој трговски центар претходно честопати беше посочуван како можна цел на терористички групи поврзани со глобалната терористичка мрежа Ал Каеда. Напаѓачите во неделата повеќе од 20 часа од нападот, сеж уште се забарикадирани во трговскиот центар кој е опкружен од силни армиски и полициски сили.

Објавувајќи ги податоците за жртвите на државната телевизија, кениските претседател Ухуру Кенијата соопшти дека меѓу загинатите има и членови на неговото пошироко семејство.

Преку социјалните мрежи сомалиската исламистичка група Ал Шабаба соопшти дека нападот е одмазда поради учеството на кениските сили во рамките на операцијата на соседните земји на Сомалија од 2011 година кога исламистите беа протерани од главниот град Могаишу и потиснати кон далечните провинции. Најавија, исто така, и нови напади во Кенија.

Според досега достапните информации, меѓу убиените има и странци. Франција потврди дека две нејзини државјанки се убиени, додека американскиот Стејт департмент осудувајќи го нападот како „безумен акт на насилство“, објави дека се ранети тројца американски државјани. Меѓу убиените има и двајца Канаѓани, од кои еден е дипломат. Кинеската новинска агенција Синхуа, јави дека меѓу убиените е и една кинеска државјанка.

Високата претставничка за заедничка надворешна и безбедносна политика на Европската унија, Кетрин Ештон, изјави во неделата дека е ужасната од овој напад. „Ужасната сум од бруталниот напад врз невини граѓани во трговскиот центар Њестгате во Најроби“, рече Ештон во соопштението изразувајќи сочувство до семејствата на жртвите.

OhridNews
извор:„Макфакс“