Австриското друштво Штаермеркише Банка и Шпаркасен стекнаа 91,5 отсто гласачките права врз Охридска банка, при што најголем дел, ги откупи од француската групација Сосиете Женерал. Со тоа, Штаермеркише Банка и Шпаркасен е новиот сопственик на Охридска банка.

На 4 ноември, вчера, и официјално беше извршена промена на сопственоста на Охридска банка АД Скопје, информираат од банката.

Се приклучуваме кон една од најзначајните меѓународни банкарски институции во регионот на Југоисточна Европа, која со својата експертиза, искуство, стабилност и посветеност ќе ја зајакне уште повеќе нашата позиција на домашниот и мешународниот пазар. Охридска банка АД Скопје останува стабилен чинител во банкарскиот сектор, партнер на македонската економија, поддржувач на бизнисите, банка посветена на сите свои клиенти и вработени и банка ориентирана кон заедницата. – стои во соопштението до коминтентите што го издаде Охридска банка, сега член на групацијата Шпаркасе.

Шпаркасе групацијата отсега ќе дејствува преку две банки во своја сопственост во Македонија: Охридска банка АД Скопје, која до оваа промена беше дел од групацијата „Societe Generale“, и Шпаркасе банка Македонија АД Скопје, дел од Шпаркасе групацијата уште од 2008 година.

Сè до целосното спојување кое е планирано за 2021 година, Охридска банка АД Скопје и Шпаркасе банка Македонија АД Скопје ќе продолжат да дејствуваат како посебни правни ентитети, иако и двете банки ќе бидат дел од Шпаркасе групацијата. По очекуваната интеграција, Банката ќе има актива од околу една милијарда евра и со тоа ќе стане четврта банка по големина во Македонија, информира банката.

Групацијата „Steiermärkische Sparkasse“ е најголем давател на финансиски услуги во јужниот дел на Австрија; 2 751 вработен опслужуваат околу 700 000 клиенти на 233 локации во земјата и Југоисточна Европа. Групацијата се состои од Steiermärkische Sparkasse и нејзините подружници, вклучувајќи ги Bankhaus Krentschker & Co. AktiengeselIschaft во Австрија, Sparkasse Bank dd во Босна и Херцеговина и Sparkasse Bank Македонија AD Skopje во Македонија.

OhridNews