Охрид на уникатен и исклучително креативен начин ја одбележува 250 годишнината од раѓањето на Лудвиг Ван Бетовен (17 Декември 1770 година), еден од најголемите музички композитори на германската нација и на целото човештво.

На иницијатива на лајонс клубот „Лихнидос“ и професорот Зоран Тунтев, неделава на социјалните мрежи секојдневно се објавуваат прекрасни музички изведби на Бетовеновата Ода на радоста. Последната која привлече исклучително внимание е на Охридскиот музички еснаф и Ѓоко Танески и Жармена Китрозоска како солисти. Композицијата е снимена во студиото „Китрозон“, а видео спотот е дело на „2S Studiо“ на Стојан Стојаноски.

Одата на радоста посебно убаво прозвучи во изведбата на Градскиот мешан хор „Vox Lychnidos“ под диригентската палка на маестро Бурим Хидри.

Кон одбележуваниот на јубилејот во чест на Бетовен, се придружи и ОМУ „Методи Патче“.

Креативна изведба на Ода на радоста имаа и учениците од охридската Гимназија.

Во чест на Бетовен денеска на повеќе локации во градот ќе се пуштаaт неговите безвременски музички дела, а кон одбележувањето на 250-годишнината од неговото раѓање се приклучија и охридските угостители.

Во проектот се вклучени вкупно 250 уметници од Охрид, кои во ова време на страшни премрежја, страв и неизвесност, сите заедно ја пренесуваат нашата порака за мир, здравје и подобра иднина. – вели Проф. д-р Зоран Тунтев од ЛК „Лихнидос“.

Во рамки на проектот, волонтери на Културолошката иницијатива „5 до 12“ изработија неколку графити кои ја разубавија фасадата на зградата на ОМУ „Методи Петче“.

Настанот финансиски го помогнаа Амбасадата на Сојузна Република Германија, Општина Охрид и АСП – ПАК, а техничка, аудио и видео поддршка овозможија:  OhridNews, Studio 2S, Студио Китрозон, IN TV i ПАП – Охрид.

OhridNews