Градот Охрид ќе биде побогат за нова спортска манифестација, откако денеска в.д. градоначалникот на Општина Охрид Константин Георгиески, Асоцијацијата за спортови „Спорт за сите-сите за Спорт“ и здружението ТРЕКС ја промовираа планинарската трка „Ohrid trail“.

  • Денеска сум многу горд и посебна чест ми е што Охрид во името на „Ohrid trail“ е побогат за нов спортски настан. Планинарската трка која денеска ние ја промовираме е во неверојатен подем во светот. Јас како страствен љубител на планината и спортот пресреќен сум што имам чест да го најавам овој настан и да им честитам на организаторите за идејата и реализацијата. Јавно изразувам задоволство и најавувам дека ќе бидат максимално поддржани. Да беше овој настан пред 3-4 месеци ќе го потврдев учеството, но вака со сите мои обврски на позицијата градоначалник не можам. – изјави в.д. градоначалникот Георгиески.

 

Планинската трка „Ohrid trail“ го заокружува календарот на здружението ТРЕКС кое од 2012 година организира трки од ваков вид. Со ваква трка можат да се пофалат Штип, Прилеп, Попова Шапка и Скопје (Водно-Матка).

  • „Ohrid trail“ е трка во планинско трчање. Тоа е мешавина од планинарење и трчање на долги дистнаци. Често оваа манифестација се одржува во природа во национални паркови, заштитени резервати и места кои изобилуваат со ретка убавина, како што се планината Галичица и Охрид. Планинарските трки во организирана форма присутни се петнаесеттина години низ светот и тие вообичеено се трчаат од 15 до 300 километри во времетрање од неколку часа до неколку дена. Здруженито ТРЕКС е зачетник и главен промотор на планинарско трчање во нашата земја. – објасни Дејан Крле од ТРЕКС.

Новиот спортски настан кој ќе се одржи на 25 мај во две далечински категории, 35 и 60 километри, ќе има задача да ги промовира градот Охрид, планината Галичица и нејзините убавини и вредности. „Ohrid trail“ е последен настан во првичниот концепт на Асоцијацијата за спортови „Спорт за сите-сите за Спорт“ која успешно ги организира Охрид трчаТ и Европскиот и Балканскиот куп во Триатлон.

  • Да не постоеше Галичица и целото нејзино богатство ние денеска немаше да бидеме тука и сите заедно да организираме уште еден настан. И треба да бидеме среќни што имаме вакво природно богатство блиску до нас. Јас верувам како што Галичица нас ни дозволува да организираме спортски настан, така ние ќе и возратиме на планината со тоа што ќе је популаризираме и ќе донесеме повеќе луѓе, посебно од нашиот град. Ќе апалерираме до функционерите повеќе да се промовира планината и планинскиот туризам, бидејќи Галичица е прекрасно место. Организирањето на „Ohrid trail“ за нас како Асоцијацијата на спортови претставува заокружување на нашата визија за спортски настани во Охрид. Стартувавме со Охрид трчат, минатата година се одржа триатлонот, а годинава започнува „Ohrid trail“ и токму ова е спојот кој ние го имавме како концепт на почетокот. Охрид трчаТ го промовираше старото градско јадро, триатлонот езерото, а  „Ohrid trail“ ќе ја промовира Галичица, националниот парк и целото природно богатство. Нас ни е мило што ТРЕКС ни се придружи, а во соработка со градоначалникот кој е љубител на планината ќе направиме добитна комбинација за добар и успешен спортски настан. – истакна првиот човек на Асоцијацијата, Иван Цветкоски.

Околу техничкиот дел на „Ohrid trail“ зборуваше Димитар Димитров.

  • Големата трка на 60 километри ќе започне од манастирскиот дел во Св. Наум, додека малата 35-километарска ќе стартува од автокампот Елешец. Учесниците ќе трчаат по патека, а константно ќе бидат набљудувани од екипи на Црвен крст, волонтери од ТРЕКС и планинската и водичката служба. Колку што ставаме акцент на безбедноста толку ќе внимаваме и на екологијата. Што значи дека никој учесник не смее да фрла отпад било каде, туку на претходно обелажано место.

Со означувањето на почеток за пријавување, „Ohrid trail“ веднаш влегува во Интернационалната треил ранинг асоцијација преку здружението ТРЕКС.

  • Секој кој ќе ја заврши трката добива одреден број на бодови кои ќе бидат евалуирани и ќе му помогнат да биде дел од квалификациите за најпрестижниот ултра траил на Мон Блан кој се одржува на крајот од август и почетокот на септември месец. – потенцираше Игор Јованоски.

Пријавувањето започнува на 1 февруари, а повеќе информации заинтересираните можат да најдат на официјалната интернет страна ohridtrail.mk.

Михаил Постоловски