Имаа и резултат и игра се до средината на второто полувреме кога се случи неверојатен пад во играта што ракометарите на Охрид ги чинеше пораз на гостувањето во Битола кај Еуромилк Работник 18:17, полувреме 8:10.

Во тврд натпревар охриѓани речиси две третини ја контролираа играта. Црврстата одбрана го тераше противникот на грешки но во клучните моменти кога Охрид можеше да го отпише противникот гостите беа тие кои премногу грешеа. При резултат 12:16 Охрид промаши пенал, а потоа нападот целосно застана до крајот постигнувајќи само еден гол, премалку за гостинска победа.

Во последните минути РК Охрид остана со играч помалку што домаќинот го искористи и го израмни резултатот 16:16. Охрид успеа да го врати водството 16:17, но следеа неколку грешки во нападот кои сурово беа казнети со два примени гола и прво водство за Работник во вториот дел 18:17, што беше и конечен резултат. Охриѓани го имаа последниот напад но не успеаја да го искористат.

На дербито РК Охрид имаше поддршка од навивачката група Рибари, но на крај охриѓани со наведнати глави ја напуштија салата во Битола и треба да жалат за пропуштеното, затоа што не заслужија пораз.

Ова беше второ гостување на Охрид на почетокот од сезоната во Супер лигата, по минатонеделното во Скопје каде беше совладан Работнички. Првата средба пред својата публика Охрид ќе ја има во третото коло на натпреварот со Борец од Велес во салата „Билјанини извори“. 

OhridNews