11:15 Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека досега се попишале 137 111 нашинци во дијаспората, а само последниот ден 7 102 македонски државјани.
Се надеваме дека ова темпо на попишување ќе продолжи сè до крајот на спроведувањето на операцијата на 21 април. Ги покануваме сите наши иселеници да ја искористат можноста и да одговорат на прашањата во апликацијата. Одвојте 10-ина минути од вашето драгоцено време за да бидете дел од сликата за Република Северна Македонија, велат од Државниот завод за статистика.
Пописот е веќе отпочнат и одложување нема да има, најави претпладнево на онлајн средба со медиумите директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски. Повикувањето на бојкот и одбивање на попишување, е казниво дело, посочи тој, потсетувајќи дека земјава нема попис две децении.
Секој кој повикува на бојкот тоа го прави како алиби да се соберат дневнополитички поени, а со тоа се прави штета на процесот. Наша цел не е да казнуваме, туку да попишуваме, но казни ќе има доколку некој одбие да се попише. Одложување на операцијата не може да има, бидејќи 24 дена трае овој попис. Од каде знаеме како ќе се одвива пандемијата? Немаме време за одложување, 20 години ни фалат овие податоци. Мораме да спроведеме попис заради нас граѓаните. – рече Симовски.
Тој рече дека секаде каде што ќе дозволат временските и други услови, пописот може да се спроведе надвор, истакнувајќи дека истиот ќе се реализира според строги здравствени протоколи.
Ние максимално ќе водиме грижа за здравјето на граѓаните, но не можеме да гарантираме како тие ќе се однесуваат во периодот пред и после попишувањето. – потенцираше Симовски.
На прашање на OhridNews во врска со обезбедување на потребниот број попишуваши во Охридскиот регион, каде фалеа 128 попишувачи, и начинот на нивниот избор, Симовски истакна дека со третиот повик истите се обезбедени. Тие ќе поминат тридневна обука која ќе почне на 28 март, а пописот за прв пат ќе се спроведува со дигитални алатки.
Моделот на избор на попишувачи добро е дефиниран во законот. Услов за некој да биде попишувач е лицето да не биде работно ангажирано, затоа што пописот се спроведува секојдневно од 8 до 20 часот и треба тоа цел ден да биде на располагање. – додаде Симовски.
Во разговор со претставниците на медиумите од сите региони, директорот на Државниот завод за статискика истакна дека во овој момент не може да се спроведе целосно електронски попис.
За тоа има повеќе причини. Една е таа што кај нас нема воспоставен адресен регистар, на што интензивно работи Агенцијата за катастар. Овој процес подразбира менување на лични документи, не само на лична карта и пасош, туку и на документи за сопственост и слично, а тоа е процес кој трае. Треба да се има предвид и фактот дека огромен број луѓе не живеат на адресата од лични документи и доколку на тој начин го спроведеме пописот ќе излезе дека во Скопје има 400.000 жители, а таму има најмалку 700.000. – појасни Симовски.
Поради законски пречки, Државниот завод за статистика не може да реализира медиумска кампања за пописот, кој во моментов најмногу се популаризира преку социјалните медиуми. Симовски апелираше да не се политизира оваа значајна статистичка операција, бидејќи истата е неопходна за земјата, како за потребните планирања и идниот развој, така и за домашната економија и странските вложувања. Посочи дека државата сега нема податоци колку нејзини граѓани живеат во странство, изразувајќи очекување дека бројот на лица од дијаспората кои ќе се самопопишат преку соодветната онлајн апликација ќе се зголеми со започнувањето на теренското попишување на 1 април, бидејќи ќе се зголеми размената на информации на оваа тема помеѓу домашното население со нашинците во дијаспората.
За сите нејаснотии во врска со методологијата на попишувањето или какви било технички проблеми, од Државниот завод за статистика велат дека им стојат на располагање со отворените линии за комуникација достапни на веб-страницата Popis2021.stat.gov.mk.
Г. Момироски