27-годишен Сириец на кој му бил одбиено барањето за азил во Германија, загина откако бомбата што ја носел ја активирал пред влезот на еден музички фестивал на отворено во германскиот град Ансбах. Претходно, сириски азилант уби една жена.

Баварскиот министер за внатрешни работи Јоаким Херман прецизира дека Сириецот во Ансбах веќе два пати претходно се обидел да се самоубие. Сепак, се уште останува нејасно дали тој овој пат имал намера да изврши самоубиство или да убие и други луѓе. Во нападот биле ранети дванаесет лица, од кои тројца потешко. Министерот Херман изјави дека станува збор за 27-годишен сириски бегалец кој пристигнал во Германија пред две години. Нему пред една година му било одбиено барањето за азил, но сепак му било дозволено да остане во Германија поради конфликтот во Сирија. Херман додаде дека тој носел ранец полн со експлозив и оти претходно му било забрането да присуствува на музичкиот фестивал, бидејќи немал билет.

По експлозијата веднаш биле евакуирани над 2 илјади луѓе кои биле на фестивалот.

Во Ансбах, град со околу 40 илјади жители е сместена американска воздухопловна база. Тоа беше четврти насилен инцидент во Германија во една недела и дојде во време кога земјата се уште е потресена од убиството на девет лица од страна на еден 18-годишен Германец со иранско потекло во петокот во Минхен.

OhridNews
извор РСЕ