Ниту едно од 13-те лица кои пријавиле какви било тегоби или последици од случајот со ударот на гром што се случи денеска попладне покрај Охридското Езеро, не е хоспитализирано.
Директорот на Општа болница Охрид Горан Балевски за медиумите изјави дека кај пет лица се констатирани лесни изгореници на екстремитетите, и дека не се утврдени други телесни повреди кај лицата кои се пријавиле за интервенција во болницата.
Повеќе од лицата кои дошле во болницата, како што вели тој, се пожалиле на стрес, по што им бил извршен специјалистички преглед и сите се пуштени дома. Некои од нив се пожалиле на проблеми со слухот и биле прегледани од специјалист и не им се констатирани никакви повреди, истакна Балевски.
Станува збор за лица од повеќе градови од државата, од кои четири се здобиле со лесни изгореници, додека другите воглавно биле без видливи повреди, но се пожалиле на тегоби од претрпениот стрес.
Громот удрил на локалитетот „Оревче“ во близина на плажата кај автокампот Градиште на Охридското Езеро. Концесионерот на плажата на својот Фејсбук профил излезе со соопштение за немилиот настан, во кој за среќа нема посериозно повредени.
Во врска со немилиот настан на плажа Оревче ве известуваме дека, според очевидците, громот удрил во езерото на неколку метри од брегот. Полесно беа повредени неколку гости кои седеа на три до пет метри од водата. Во моментот на громот воопшто немаше невреме или голем дожд, па затоа ништо не навестуваше дека ќе има таков силен удар.
Веднаш реагираше спасувачот ангажиран од наша страна преку Црвениот крст Охрид, а да помогнат притрчаа и дел од гостите кои останаа присебни. За неколку минути паниката беше смирена, а неколкумина со лесни изгореници заминаа на лекарски преглед.
Со оглед на лошите временски услови денеска на плажата немаше многу гости, а беше откажан и настапот на диџеите. Тимот на Оревче жали за немилиот настан, а на нашите гости им посакуваме брзо закрепнување. – стои во објавата на концесионерот
OhridNews
13 лица се пожалиле на последици по удар од гром во Градиште