На екипата на Црвен крст Охрид која била повикана да помага во процесот на масовна вакцинација во спортската сала „Билјанини извори“, утрово не и бил дозволен пристап во салата и истата морала да ја напушти, тврдат од организацијата.
Со жалење и неверување ве известуваме дека денес, 04.05.2021 г., во 8 ч. екипата на Црвен крст Охрид која на барање на Директорката на Здравствен дом Охрид беше повикана да помага во процесот на масовна вакцинација во спортската сала „Билјанини извори“, беше грубо избркана од страна на Сашо Денесовски, т.н. координатор на спроведување на масовната вакцинација во Охрид.
За жал и овој пат личните комплекси и фрустрации на една личност победуваат пред потребите за асистенција и помош на лицата кои се вакцинираат и на олеснување на административната работата на оние кои се вклучени да го спроведуваат вакциналниот процес, што е активност на волонтерите на Црвениот крст во сите земји во светот каде се спроведува масовна вакцинација против Ковид-19. – се вели во реакцијата на Општинската организација на Црвен крст Охрид.
Денесовски, пак, тврди, дека Црвениот крст Охрид и покрај јавниот повик, воопшто не бил вклучен во подготовките кои се одвивале подолг период, како и во спроведената обука за реализација на вакцинацијата. Вели дека волонтерите на Црвениот крст не биле избркани, туку им било објаснето зошто не може да волонтираат во вакциналниот пункт во Охрид.
Црвениот крст Охрид воопшто не се појави на ниту една координација со градоначалникот и другите чинители во подготовките за вакцинација. Наместо тоа денес ни испрати 14 годишно дете да волонтира, како ќе волонтира без спроведена обука? Волонтерите кои се тука поминаа 7 дена обука, што ќе прави дете од 14 години. На пункт за вакцинација не се праќа дете од 14 години. Непобитен факт е дека Црвен Крст Охрид од првиот ден на припремање на Регионалниот вакцинален пункт во Охрид , воопшто не изрази ниту желба, а ниту спремност да бидат вклучени. Затоа ноторна лага е дека тие биле повикани да волонтираат во вакциналниот пункт од Здравствениот дом. Такво нешто нема. Јас не ги избркав волонтерите на Црвениот крст, туку им објаснив дека нема никаков ангажман на Црвен Крст Охрид во регионалниот вакцинален пункт во Охрид и дека доколку биле како НВО заинтересирани да испратат волонтери, тоа требело да го направат преку обраќање до Општина Охрид, поточно до градоначалникот на Охрид Константин Георгиески на самиот почеток на припреми за опремување на вакционалниот пункт. – вели Денесоски.
Tој посочи дека е назначен од општината за координатор на вакцинацијата во регионалниот пункт во Охрид и дека неговото здружение финансиски ја помогнало организацијата на вакцинацијата.
Здуржението за еднаква застапеност на лица со посебни потреби во медиумите СОС БАЛКАНМЕДИА Охрид на повик на градоначланикот на Општина Охрид , за 48 часа изврши целосно опремување на Регионалниот вакцинален пункт во Охрид ,во што се вложија 1.200.000 денари од здружението, додека влогот на Општина Охрид , Министерството за здравство на РСМ и други државни институции изнесува НУЛА (0)ДЕНАРИ. За разлика од СОС БАлкан Медиа, Црвен Крст Охрид за своите волонтери побара фантастични 1.400,000, оо денари. – тврди Денесовски.
Од Црвен Крст Охрид, демантираат дека побарале финансиски надомест за нивниот ангажман, додавајќи дека тоа е ноторна невистина. Велат и дека не е точно оти во регионалниот вакцинален пункт „Билјанини извори“ испратиле несоодветна и необучена екипа. Посочуваат дека двајцата волонтери на кои утрово не им бил дозволен пристап во спортската сала се полнолетни и со искуство во процесот на вакцинирање, затоа што повеќе месеци биле вклучени во вакцинацијата на пунктот на Здравствен дом-Охрид, во Општата Болница-Охрид, кој сега по отворањето на регионалниот пункт во салата „Билјанини извори“ е затворен.
Од Црвениот крст Охрид додаваат дека нивните волонтери остануваат подготвени, доколку има потреба да се вклучат во помагање и олеснување на процесот на вакцинација против Ковид-19 во Охрид, само доколку се создадат безбедни услови за ангажман на нашите волонтери.
Од друга страна градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески, во телефонски разговор на медиумите им изјави дека општината има свој координатор, но дека тој е од редот на вработените затоа што тоа може да биде исклучиво лице кое е во работен однос во локалната самоуправа. Како што истакна Георгиески, координатор на вакциналниот пункт во салата „Билјанини извори“, каде се ангажирани вработени во Општина Охрид, е Илкер Мустафа вработен во Секторот за туризам и локален економски развој.
OhridNews