Со музичко сценскиот спектакл „Кармина Бурана“ на Карл Орф во изведба на светски познатиот ансамбал од Шпанија „La Fura Dels Baus“ ќе биде отворено годинешното 55-то јубилејно издание на фестивалот Охридско лето. Режисер на ова дело е Карлус Падриза од Шпанија, а на сцената ќе настапат актерката Лука Еспиноза и споранот Хозе Мануел Диаз исто така од Шпанија.
За музичката изведба на ова дело ќе се погрижи оркестарот на Македонската опера и балет и Македонската филхармонија под диригентската палка на Василиј Корошев од Русија и Јозеф Винсет од Шпанија.
-Еминентната компанија „La Fura Dels Baus“ која во својата тридецениска историја бележи стотици успешни настапи низ целиот свет и повеќе од 100.000 посетители, во 1992 година ги отвори олимписките игри во Барселона, а стручната јавност и публиката со посебно внимание ги издвои настапите на овој ансамбл во Шпанија, Франција, Холандија, САД. На сцената покрај еминентни актери од Шпанија и светот, ќе настапат и музичарите од оркестарот на МОБ и Македонската филхармонија. Уверена сум дека изведбата на кантатата „Кармина Бурана“ во која се применети нови мултимедијални технологии и која медиумите во светот ја оценија како необично уметничко патување, ќе ја освои стручната јавност и македонската публика.-изјави на прес конференцијата по повод промоцијата на програмата за 55-то издание на фестивалот министерката за култура Елизабета Канческа Милеска.
Според најавите, на 55-то издание ќе има преку 30 музички настани, 14 театарски претстави. Исто така во рамки на програмата се предвидени и 7 изложби и други културни активности.
Музичкиот селектор Гордана Јосифовска Неделковска, истакна дека јубилејното 55 издание на Охридско лето ќе понуди исклучително атрактивна програма. Публиката ќе има можност да види плејада светски познати имиња и врвни музички ѕвезди како рускиот пијанист Никола Лугански, еден од најголемите пијанисти на своето време Иво Погорелиќ од Хрватска, светски познатата виолинистка Мидори, феноменалниот руски виолинист Максим Венгеров кој за за прв пат ќе настапи на „Охридско лето“, оскаровецот Луис Бакалов, Един Карамазов, атрактивното хрватско дуо Two Chelos, Стефан Миленковиќ, американската госпел сензација „Howard Gospel“…..
-Програмата што ја нудиме ќе значи и извесен исчекор во однос на високите стандарди што ги воспоставивме изминатите години.-рече Јосифовска Неделковска.
Во рамки на драмскиот дел ќе бидат изведени 4 премиери, меѓу кои и претстставата „Play Pinter“ нa Охридскиот Народен театар во режија на Нела Витошевиќ. Премиерни претстави ќе изведат и Битолскиот народен театар (Антоние и Клеоптара – В. Шекспир), Турскиот и Албанскиот театар од Скопје заеднички ќе настапат во претставата „Слуга“ во режија на Јуџел Ертен од Турција, а последната премиера, всушност е праизведба на претставата „Кирил и Методиј – Заштитници на Европа“ од Јордан Плевнеш, копродукциски проект на „Охридско лето“, продукцијата НЕТА, Експонто Љубљана, Сфумато театар Бугарија и театарот „Војдан Чернодрински“ – Прилеп.
Покрај нив на „Охридско лето“ годинава ќе настапат и театрите „Нопланта“ од Нови Сад, Србија и Националниот театар Хабима од Тел Авив, Израел кои ќе изведат дела инспирирани од воените страдања. Нашиот Дејан Пројковски ќе ја режира претставата „Опасни врски“ во изведба на театарот „Вера Комирсажевскаја“ од Санк Петерсбург, Русија, а честа да го затвори фестивалот ќе ја има уште еден македонски режисер, Александар Поповски, кој ќе ја постави претставата „Figurae veneris historiae“ работена по текст на Горан Стегановски во изведба на Словенско народно гледалишче, посочи драмскиот селектор Ѓорѓи Јолевски.
Од оваа година управата на фестивалот се наоѓа во нови простории на улицата Партизанска, кои се реновирани и специјално дизајнирани од архитектот Кирил Илоски и за што се потрошени 1,6 милиони денари.
– Со цел обезбедување на соодветни услови за работа, НУ „Охридско лето“ од оваа година ќе функционира во нови простории. Просторното решение ја отсликува нашата заложба „Охридско лето“ да се движи кон нови современи текови кои се налик на светските збиднувања.-изјави директорката на фестивалот Елизабета Јанкуловска.
Фестивалот „Охридско лето“ и годинава е потпомогнат од локалната самоуправа која издвои, како што истакна градоначалникот Бакрачески, значителна сума на средства за поддршка на јубилејното 55-то издание.
-Денес може да се каже дека Охрид и „Охридско лето“ се единствен склоп бидејќи град на културата каков што е Охрид не може без „Охридско лето“, ниту „Охридско лето“ можел да биде светски реномиран фестивал без град со култура каков што е Охрид.-рече градоначалникот Бакрачески.
Во рамки на фестивалот ќе биде прикажан и документарниот филм за патот на успехот на „Охридско лето“ од почетоците до денес.
Г.М.