Мнозинството членови на Училишниот одбор на економското училиште „Свети Кирил и Методиј“ од Охрид повторно го дале својот глас за професорката Славица Костоска, која раководеше со оваа образовна установа како Вршител на должност.

Од неофицијални извори дознаваме дека на прегласувањето во рамките на постапката за избор на директор, кое се одржа вечерва, Костоска добила 7, а нејзиниот противкандидат, професорот Никола Тренески освоил 4 гласа.

Според најавите, предлогот од Училишниот одбор утре треба да биде доставен до градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески, кој има ингеренција да ги именува директорите на општинските училишта.

Училишниот одбор во економското училиште брои 11 члена, од кои четири се од наставничкиот совет, тројца од советот на родители, тројца претставници од локалната самоуправа, а еден од Министерството за образование и наука.

До редакцијата на OhridNews денеска стигна допис од ученици во „Св. Кирил и Методиј“ кои информираат дека во училиштето била покрената иницијатива за собирање потписи за давање поддршка на актуелната ВД директорка.

-Сметаме дека професорката Костоска е добра и коректна во извршувањето на должностите, воедно и амбициозна личност и мислиме дека добро знае што му треба на нашето училиште, имајќи во предвид дека е професор во нашето училиште со долгогодишен стаж, се наведува во дописот на учениците.

Инаку професорката Славица Костоска го освои мнозинството гласови од членовите на Училишниот одбор и на претходното гласање.

OhridNews