Во рамки на проектот „Со креативност и младински активизам против говорот на омраза“,  денеска на плоштадот „Св. Климент Охридски“ се одржа танцувачка точка на која настапија 20-тина ученици од охридската гимназија. На конкурсот „Со креативност и младински активизам против говорот на омраза”, идејата на учениците на охридската гимназија „Св.Климент Охридски“ за изведба на флеш моб – јавниот перформанс е наградена и избрана за реализација. Се работи за проект во организација на Македонскиот институт за медиуми (МИМ) и покровителство на британска амбасада. 

Проектот е наменет за подигнување на јавната свест за говорот на омраза, а идејата е учениците преку танц на градскиот плоштад да испратат позитивна порака против говорот на омраза. Кореографијата на танцот е на Кате Бујароскам а настанот се реализира со поддршка на Општина Охрид и Лабино продукција. Истиот настан наскоро ќе се повтори и во Струга.

„Ова е можност учениците да го изразат својот креативен потенцијал надвор од редовната настава и слободен простор каде тие имаат можност да експериментираат. Тој простор е особено значаен како алтернатива на социјалните мрежи на кои младите поминуваат премногу време непродуктивно, како и формалното образование на кое му се замерува дека не е секогаш флексибилно и прилагодено на индивидуалните потреби на ученикот. Ваквите активности воедно, дополнително ги зближуваат учесниците и ја хуманизираат училишната средина.“ – вели психологот Алберта Гулицовска, ментор на проектот.

Флеш моб (flash mob) како популарен израз на урбаната култура, е настан во кои учествува група луѓе која за оваа цел се организира преку социјалните мрежи и синхронизирано, но сосема неочекувано изведува необичен, навидум бесмислен перформанс на однапред договореното место, поради забава или уметничка експресија. Накратко, сите си заминуваат како да не се случило ништо, оставајќи ги случајните минувачи да размислуваат за она што штотуку го виделе.

Прв организиран јавен перформанс се случил на Менхетн во 2003 година. Тој всушност настанал како социјален експеримент кој имал за цел да укаже на опасност и сеприсутност на конформизмот Според Wasik, уредникот на познатиот Harper’s Bazaar магазин и организаторот на настанот на Менхетн, флеш мобот е креиран и со цел на поттикнување на спонтаноста и групните собири, за создавање на посебна атмосфера каде до израз доаѓа човечката потреба да се биде дел од „нешто важно“. Многумина во оваа организирана забава препознале совршен извор на забава и флеш мобот набргу стекнал голема популарност ширум светот. Неговиот потенцијал го препознале социјалните активисти, големите компании, и тој со тек на времето почнал да се користи за различни цели, од политички ангажираните до маркетиншките, за во вид на протест или раклама.

На некој начин, флеш мобот е заколнат непријател на зачмаеното секојдневие, предизвик на пуританците, скандал за малоѓраѓаните, чекан по глава на стереотипите… 

OOhridNews