Екипата на Металург е нов владетел во македонскиот машки ракомет. „Металурзите“ шестата круна во Супер лигата ја осигураа со победата над Пелистер во Битола 25-20 (15-10) во последниот натпревар од сезоната.

Избраниците на  хрватскиот стратег  Лино Червар уште во првиот дел, кој го добија со (15-10) наговестија дека не размислуваат за кикс во Битола и загрозување на титулата.

Во вторите триесет минути ракометарите во сини дресови ја задржаа предноста, не дозволија изненадување и по шести пат се искачија на највисокото место од тронот во македонскиот ракомет.

Најефикасен играч во тимот од Автокоманда беше Ренато Вугринец со единаесет погодоци, по четири реализираа Манасков и Атман. Голманскиот тандем Станиќ и Митревски искомбинираа 13 успешни интервенции.

Со освојувањето на титулата од домашниот шампионат Металург обезбеди директен пласман во групната фаза од Лигата на Шампиони.

Фото : Емилио
Мх.П.