За првпат во историјата на Македонскиот велосипедизам, Република Македонија учествува на најпрестижниот натпревар во планински велосипедизам. Земјава во натпреварувачкиот дел ја претставува Јован Јованоски, придружуван од Александар Јованоски – тим менаџер.
Светскиот шампионат во планински велосипдизам, ќе се одржи од 26.08 до 01.09.2013 во Пиетермаритзбург – Јужна Африка, а натпреварот воедно ќе се вреднува и за учество на претстојните Младински олимписки игри -МОИ во Нанџин 2014 – Кина. Според квалификациониот систем само 28 нации ќе имаат можност да земат учество на МОИ.
Јован Јованоски, нашиот најуспешен велосипедист во тековната 2013 година со учество на повеќе натпревари од олимписки карактер се закити со 3 златни и еден сребрен медал. Учество зеде и на два светски купа во организација на UCI, каде од конкуренција на 140 велосипедисти во Германија го освои 89 место, а во Чешка беше 70ти. Резултатите на Јован ја рангираат Македонија на 22 место во Светскиот куп во Германија односно на 18 место во Чешка. На претстојниот натпревар во Ј. Африка, се очекува Јован да го подобри својот пласман.
-Доколку не послужи малку повеќе спортска среќа, без технички проблеми и падови како што беше случајот на Европскиот шампионат каде Јован се пласира на 57 позиција од вкупно 85 учесници, очекуваме добри резултати со што воедно би се подигнал ранкингот на Македонија на листата на UCI, кој ранкинг директно влијае на стартната позиција на претстојните натпревари, истакна претседателот на ВФМ Сашо Димитријоски.
Македонскиот Олимписки Комитет – МОК, ги презеде трошоците за патувањето на македонскиот велосипедистички тим во Ј. Африка, а останатите трошоци со заеднички сили ги обезбедија ВФМ, општина Охрид и спонзори.
Ohridnews