Според информациите кои ги пренесуваат српскит емедиуми, 60- годишниот Љубиша Богдановиќ во масакрот којшто го изврши утрово во местото Велика Иванча кај Младеновац, усмртил шест мажи, шест жени и едно бебе.

Дванесет лица починале на лице место, а една седумдесетгодишна жена починала на пат кон болницата. Тој и неговата жена се во критична состојба во Ургентниот центар.

Според информациите, Богдановиќ утрово околу 5 часот најпрвин во својата куќа со куршум во главата го убил својот син, а потоа се упатил кон куќите на соседите во смртоносен поход и убил луѓе во пет соседни куќи.

Злосторството го пријавила неговата сопруга Јаворка и додека била на линија со полицијата се слушнал врисок, поради што се претпоставува дека тој пукал во неа во тој момент. Полицијата веднаш тргнала на местото на злосторството и го затекнала Љубиша во дворот на својата куќа. Кога пристигнала полицијата и тој се застрелал.

Состојбата на убиецот и неговата сопруга е критична.

Околу 9 часот во селото дошла ќерката на убиецот, која не живеела со родителите. Таа е во тешка состојба и се наоѓа во куќата на соседите, а низ цело село се слуша плач и лелеци, јавува Блиц.

– Тој беше мирен човек. Не знаеме што довело до оваа трагедија. Слушнавме дека синот го убил со куршум во главата“ велат шокираните соседи.

Богдановиќ немал полициско досие, а полицијата истражува зошто овој мирен човек, направил вакво злосторство.

Според информации од полицијата, Богдановиќ во деведесеттите години учествувал во војната во Славонија, имал дозвола за држење на оружје уште од 1981 година. Богдановиќ и неговиот син минатата година останале без работа.

– Немал здравствен картон. Немаме евиденција дека се работи за човек кој можел нешто вакво да направи. Сите зборуваат дека се работи за нормален човек. Сега сè проверуваме, сите сме изненадени“, велат од полицијата.

OhridNews
Makfaks