Во претседателската вила на Водно, попладнево се одржа средба на лидерите на релевантните политички партии во земјата, што ја иницираше шефот на државата Стево Пендаровски.
На средбата што се одржа според здравствените протоколи за заштита од Ковид-19, главна тема беше евентуално утврдување на датум за одржување на предвремените парламентарни избори.
Како што изјавија лидерите по средбата, договорено било следната недела да се одржи нова средба кај Претседателот, на која ќе се разговара за утврдување датум за избори врз основа на проценките и препораките од Комисијата за заразни болести и ДИК, изразувајќи им целосна поддршка на здравствените експерти и надлежни институции.
Речиси сите партиски лидери истакнаа дека приоритет е здравјето на граѓаните и треба да се внимава оти овие избори ќе се одржат во вонредни услови, оттаму неопходно е тие да бидат спроведени во согласност со протоколите што треба да ги подготват здравствените експерти.
На средбата било договорено претседателот на државата до следната средба да обезбеди информации од ОБСЕ за можностите и обемот на меѓународната набљудувачка мисија која треба да ги следи изборите.
Во моментов Собранието не функционира, бидејќи се самораспушти, а сите одлуки во ситуација на здравствена криза ги носи и спроведува Техничка влада формирана токму за да ги спроведе изборите, согласно Пржинскиот договор.
Г. М.