Истрагата за катастрофата на „Ербасот А320“ на германската компанија „Џерман вингс“, кој сообраќаше на линијата Барселона-Дизелдорф, дојде до заклучок дека дека копилотот, кој останал сам во кабината намерно го вклучил копчето за мониторингот на летот, со што започнува неговото фатално спуштање се до страшниот судар во планината, јави дописникот на МИА од Париз.

– Само во пилотската кабина, копилотот можел да го манипулира копчето на мониторингот на летот за да го вклучи спуштањето на авионот, изјави денеска јавниот обвинител од Марсеј, Брис Робин. – Оваа акција може да биде само намерна, додаде тој. На конференција за печатот Робин оцени дека копилотот „имал намера да го уништи авионот“. – Ние го имаме записот од последните 30 минути од летот“, соопшти Робин, додавајќи дека капетанот излегол од кабината и во тој момент „Ербасот А320“ летал со автопилот.

Според Робин, копилотот намерно ракувал со командите на авионот за да ја намали височината на летот.

– Капетанот на авионот безуспешно се обидувал да влезе во кабината. Пилотот се идентификува за да влезе во кабината, но не добива никаков одговор од копилотот, обајсни обвинителот.

Според него, на снимката од пилотската кабина се слуша дишење на човек се до конечниот удар. – Значи тој бил жив, рече Робин.

– Во моментов ова се толкува дека копилотот намерно одбил да ја отвори вратата од кабината, рече Робин, објаснувајќи дека кога контролата на летање побарала од авионот да ја вклучи шифрата дека е во опасност, немало никаков одговор.

Копилотот, исто така, не реагираше кога се вклучиле алармите кои најавуваат дека тлото е близу.

– Сега водиме истраги и испитување за да се дознае нешто повеќе за опкружувањето на пилотот, додаде обвинителот на Марсеј.

Пилотот е идентификуван како Андреас Лубиц и е со германско државјанство и не бил вклучен во регистарот кој се води за терористите.

Без да зборува за „самоубиство“ јавниот обвинител од Марсеј јасно даде до знаење дека копилотот со своето однесување во кабината имал „намера да го уништи авионот“.

Во несреќата загинаа сите 150 патници и членови на екипажот.

 

 

OhridNews

извор МИА