Атлетичарите од Кенија ја продолжија доминација на Атлетискиот маратон во Охрид победувајќи во машка и женска конкуренција на јубилејното 30-то издание.

Во машка конкуренција со нов рекорд на 30 километри долгата патека од Св. Наум до Охрид триумфираше Абел Кибет Роп, кој го одбрани тронот од минатата година. Тој постигна време од 1.34.58ч., и го сруши рекордот на Борислав Девиќ (1.39.13)  од 1993 година.

Рекордот на патеката, Кибет со петкратниот победник Живко Чингоски.

Второто место кај мажите му припадна на Кениецот, Вилсон Вамбугу со време (1.41.49ч.), а третата позиција ја освои Унгарецот, Тамаш Наги со време (1.43.28ч.). 

– Атакував на победа и на рекордот кој минатата година не го соборив поради временските услови. Дождот можеби не одговара за организаторите и гледачите, но за нас атлетичарите е пријатен во текот на трката. – рече победникот и новиот рекордер Кибет.


Кај дамите годинава прва низ целта мина Рут Чемисто Матебо со време (2.06.08ч.). Охриѓанката Јован Целеска ја освои втората позиција со време (3.01.18ч.), а на третата позиција заврши Марија Димеска (3.08.52ч.).

– Патека со нагорнини и надолнини, можеби не е најидеална за нас маратонците, но не ми преставуваше потешкотии успешно да ја завршам трката. Прв пат учествувам на Атлетскиот маратон во Охрид и се надевам дека ќе се видиме повторно следната година.– рече победничката.


Организаторите на Атлетискиот маратон во Охрид остануваат на ставот дека ако не добијат помош од општината и градот следната година нема да го организираат спортскиот настан кој ја одбележува независноста на Македонија во Охрид.

– И покрај лошите временски услови трката се одржа успешно и според сите пропозиции. Годинава на јубилејното 30-то издание имаме два нови рекорди и тоа во машка конкуренција и во вкупниот број на пријавување на учесници. Уредно со сите документи доставивме молба до Општината Охрид половина од наградниот фонд и организација да ги покријат, а ние останотото со помош на пријатели и спонзори да го надополниме. До ден денес немаме никаков одговор од Општина и приморани сме да ја прекиниме атлетската традиција која ја негуваме во Охрид. – рече првиот човек на Здружението кое го организира маратонот, Пецо Неданов.


На стартот се појавија вкупно 96 атлетичари иако официјално беа пријавени 119, што претставува нов рекорд за учество на Атлетскиот маратон во Охрид, чиј награден фонд годинава изнесуваше 3000 евра.

Мх.П.