Министрите за внатрешни работи и за транспорт и врски, Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиески, поднеле оставка. Оставка поднел и директорот на УБК Сашо Мијалков, јавува „Телма“.

Истиот извор наведува дека премиерот ги прифатил оставките. По предлог на владата за нов мистер за внатрешни работи е предложен Митко Чавков досегашен директор на Јавна Безбедност, а  за мнистер за транспорт и врски Владо Мисајловски, досегашен директор на Агенцијата за државни патишта.

Јанакиески обрзложението за својата оставка го објави на својот фејсбук профил.

Мијалков писмено го известил премиерот Никола Груевски. Мијалков во оставката истакнува дека продолжува да дејствува согласно своите принципи и убедувања. – Секогаш ќе бидам тука за Македонија и за нашиот народ, вели Мијалков.

– Почитуван Премиер,

Најголема чест во животот е да служиш на својата татковина Македонија на одговорна позиција.

Позицијата што ми беше доверена ја извршував патриотски и одговорно, пред се во интерес на земјата и граѓаните, и секогаш смело и одлучно пристапував кон секоја задача.

Граѓаните најдобро знаат дека Македонија има бројни успеси во полето на кое дејствував. Дел од тие успеси беа и вистински мит во разговорите меѓу граѓаните, и ги говореа со гордост

Сакам да ја истакнам мојата огромна благодарност за довербата и што ми овозможивте да бидам дел од тимот, кој носи напредок за нашата држава и кој ги брани националните и државни интереси. Вие ја имате мојата полна поддршка. Во интерес на Македонија, гледајќи дека доколку го направам ова ќе помогнам во надминување на политичката криза, која ја наметна опозицијата со своето недржавничко однесување, а свесен дека вистината и аргументите се на наша страна и дека сето тоа со тек на време ќе станува уште појасно, сакам да информирам дека поднесувам оставка на позицијата директор на Управата за безбедност и контраразузнавање. Со пиетет им благодарам на сите припадници на безбедносните сили на Република Македонија, со кои работев сиот овој изминат период и до сите други институции за целиот нивен ангажман, посветеност, храброст и сила. Тие се нашата главна поткрепа, тие се нашата гордост и Македонија може да смета на нив.

Продолжувам да дејствувам согласно своите принципи и убедувања и секогаш ќе бидам тука за Македонија и за нашиот народ. Познавајќи ја мудроста на нашиот народ, убеден сум и знам дека вистината ќе победи, предизвиците ќе бидат надминати, а Македонија и понатаму ќе продолжи да чекори напред со тимот кој никогаш не го изневерил народот. Голема благодарност до граѓаните на Македонија, кои денеска искажаа огромна поддршка за полициските сили, таа поддршка значи многу, мотивира и е во вистински момент, и сакам на крај на овој мој допис да истакнам дека, секогаш ќе бидам во првите борбени редови кога тоа ќе биде потребно за татковината, стои во оставката на Сашо Мијалков до премиерот Никола Груевски.

За одлуката да поднесе оставка Јанкулоска писмено го известила премиерот Никола Груевски.

Таа во оставката истакнува дека во изминатиот период работела професионално и посветено раководејќи се од интересите на граѓаните и на државата.

– Почитуван претседателе Груевски,

Најнапред сакам да Ви се заблагодарам за довербата што ми ја дадовте да бидам дел од Вашиот тим и да раководам со Министерството за внатрешни работи на Република Македонија. Во изминативе години, не штедејќи време и енергија, работев професионално и посветено, секогаш раководејќи се од интеерсите на граѓаните, и пред се, раководејќи се од интересот на Република Македонија.

Во овие тешки денови, кога Македонија е во длабока политичка криза, ценам дека е време да се повлечам, верувајќи дека моето повлекување од функцијата министер за внатрешни работи, ќе придонесе за нејзиното надминување, стои во оставката од министерката Јанкулоска.

Собраниска седница на која треба да бидат потврдени оставките е закажана за утре во 13 часот.

OhridNews
извор:„Телма“