По две седмици преговори, вечерва крај Париз претставниците на 195 држави го донесоа обврзувачкиот рамковен климатски договор на Обединетите нации, со кој се утврдува по 2020 година обемот на емисиите на стакленичките гасови и мерките за спречување на климатските промени, кој се смета за договор без преседан по неколкуте години напорни преговори, јавува „Макфакс“.
„Гледајќи ја салата гледам позитивна реакција, не слушам забелешки, договорот од Париз е усвоен“, изјави претседателот на глобалниот самит за климата COP21, францускиот министер за надворешни работи Лорен Фабиус, со што ги поттикна присутните во салата на повеќеминутна акламација со силен аплауз. Овациите во салата во Л’Бурже крај Париз дојдоа по шест години по неуспехот на самитот во Копенхаген, кога не беше постигнат договор.
Пред почетокот на пленарната седница, најголемата група земји Г77 плус Кина изјавија дека се задоволни од текстот коj во текот на преговорите беше модифициран. Во договорот се бара нивото на загревање на планетата да се задржи „значително под 2 степена Целзиусови во однос на прединдустрискиот период“, тежнеејќи кон 1,5 Целзиусови степени.
Поздравен како прв глобален климатски договор кој ги обврзува, како богатите, така и сиромашните земји на ставање под контрола на емисијата на стакленичките гасови кои се сметат за виновни за загревањето на планетата, тој ја поставува клучната долгорочна цел во овој век да се отстрани емисијата на гасови кои го предизвикаат ефектот на стаклена градина, а коишто ги произведува човекот.
Развиените земји се обврзуваат дека ќе им помогнат на земјите во развој во борбата против загревањето со 100 милијарди американски долари годишно почнувајќи од 2020 година. Исто така, во Париз повеќето развиени земји издвоија 300 милиони американски долари за создавање систем за осигурување на имотите и животите на луѓето во случај на природни катастрофи, особено во азиско-пацифичкиот регион. Мултимилионската сума се насочува кон Зелениот климатски фонд и други финансиски организации, кои поддржуваат проекти во сиромашните и ранливи земји.
На долг рок треба да им се помогне и на имигрантите, кои поради климатските промени се принудени да ги напуштат своите домови. Ова прашање предизвика жестока дискусија, поради тоа што во овој случај тешко е да се привлечат осигурителните и приватни компании, неопходните средства и државните буџети на богатите земји. Поради тоа, донесен е посебен член во договорот за „загубите и штетите“, но без финансиски параметри.
Земјите не се согласија и за вкупниот обем на заедничкото климатско финансирање за 2025 година. Не се успеа да се определат пропорциите, соодносот меѓу државните и приватните фондови, уделите во адаптацијата на намалувањето на штетните емисии, што претставува слабост на овој договор. Долги беа дебатите по прашањата кои земји треба да бидат донатори, а тие резултираа со формулацијата која го поздравува но не е обврзувачка таквата помош да ја дават моќните земји како Кина, Саудиска Арабија, Сингапур и др.
Договорот стапува на сила во 2020 година и треба да овозможи пренасочување на светската економија според моделот без или со малку јаглерод. Таквата револуција вклучува прогресивно напуштање на фосилните извори, јагленот, нафтата и гасот кои доминираат со светското енергетско производство.
Научниците предупредуваат дека предвидената намалена национална емисија на гасовите со ефектот на стаклената градина нема да биде доволна за да се постигне загревањето на помалку од 2 Целзиусови степени, туку би довело до зголемување од 3 Целзиусови степени.
Договорот покренува голем механизам на ревизија на плановите за ограничување и намалување на емисиите, а бидејќи невладините организации и научниците предупредија дека за тоа во 2025 година ќе биде предоцна, механизмот на обврзувачката ревизија ќе биде покренат во 2020 година. Климатологот Жан Жузел предупреди дека со „2 Целзиусови степени климата ќе биде сосема поинаква отколку денес, но 2 Целзиусови степени помалку, тоа е цел до која треба да се придржуваме, доколку на крајот од векот сакаме да имаме свет на кој можеме да му се прилагодиме“.
OhridNews
извор:„Макфакс“