Во рамки на фестивалот „Охридско лето“, вечерва во 21 часот во катедралната црква Св. Софија, концерт ќе одржи македонскиот пијанист Дино Имери.

Дино Имери е еден од најуспешните македонски пијанисти од помладата генерација. Студиите ги завршува на ФМУ во Скопје, во класата на проф. Борис Романов. Неговиот музички талент го носи во некои од најзначајните музички центри во Македонија и надвор од неа. Имери е често пати солист со Македонската филхармонија, а одржал и солистички рецитали во Музеј на град Скопје, на фестивалите „Охридско лето“, „Интерфест“ – Битола, Епидаурус во Хрватска, Пијано Плаж фестивал во Франција, како и во Австрија во познатиот Лист центрум во Рајдинг (родното место на Франц Лист), салата на конзерваториумот „Јозеф Хајдн“ во Ајзенштадт, на сцената на Императорската сала на замокот Естерхази, секаде добивајќи блескави признанија од критиката и публиката. Добитник е на брпјни награди и признанија.

Инаку, вечерашниот концерт на македонскиот пијанист Дино Имери ќе може да се следи во живо на веб страната на Охридско лето, www.ohridskoleto.com.mk. Видео преносот од Света Софија ќе започне од 20 часот, час пред започнување на концертот. Сите љубители на класичната музика кои нема да се во можност да присуствуваат во акустичната црква , ќе може да уживаат преку преносот на  интернет.
Инаку ваков начин на следење на програмата на најпрестижната манифестација кај нас, Охридско лето го прави за прв пат. Целиот проект се реализира во соработка со Т-home, генералниот спонзор на Фестивалот и Labino production.

Од Дирекцијата на фестивалот велат дека, следејќи ги современите текови на светските фестивали, преносите во живо, на повеќе настани од уметничката програма во текот на едно фестивалско издание,  ќе станат традиција.

OhridNews