Поетите Патрик Котер од Ирска, Тања Бакиќ од Црна Гора, Барбара Погачник од Словенија и Зоран Јакимоски од Македонија ќе бидат дел од Интернационалното поетско читање кое ќе се одржи вечерва во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид, во рамки на 26. манифестација „Поетска ноќ во Велестово“.
Интернационалната вечер се одржува од 2008 година и до сега на неа се претставиле поети од Сирија, Франција, Ирска, Италија, Турција, Србија, Црна Гора, Словачка, Норвешка, Бугарија, Албанија, како и познатиот сликар Дик Робертс од САД.
Инаку вчеравечер во Велестово се одржа свеченото отворање на манифестацијата кое беше посветено на поетското творештво на академик Катица Ќулавкова.
За нејзиното творештво беседеше проф. д-р Владимир Мартиновски, а стихови читаа членови на Независната аматерска театарска група Аматер од Охрид.
Традиционално, покрај поетскиот портрет беше одржана и ликовна изложба на членовите на Центарот за културен проток АРТерија: Димитрие Ристески, Ели Аиноска, Стевчо Наумоски, Билјана Ангелеска, Ивана Групче и Зорица Азеска Спасеска.
Во соработка со Издавачката куќа „ПНВ Публикации“ од Скопје, во рамки на годинешната поетска ноќ во Велестово на 18 август во просториите на НУ Библиотека „Григор Прличев“ во Охрид, ќе се одржи и промоција на три стихозбирки од поети учеснци на манифестацијата.
Ќе бидат промовирани книгите: „Никој не знае“ од Патрик Котер, „Семе и други песни“ од Тања Бакиќ и „Ништо не е недостижно“ од Зоран Јакимоски. Промотори ќе бидат Славица Гаџова, Славе Ѓорѓо Димоски и Тоде Илиевски.
Во рамките на оваа манифестација во изминатите 25 години било претставено творештвото на најпознатите македонски поети, сликари, критичари, меѓу кои Анте Поповски, Гане Тодоровски, Патре М. Андреевски, Матеја Матевски, Богомил Гузел, Радован Павловски, се до претставници од помладата генерација, како Никола Маџиров и Владимир Мартиновски. Во делот на сликарството биле претставени делата на Вангел Наумовски, Боро Митриќевски, Сергеј Андреевски, Глигор Чемерски, Владимир Георгиевски, Газанфер Бајрам, Славко Упевче…
Манифестацијата е помогната од Министерството за култура на Република Македонија и општина Охрид.
OhridNews