Охридските средношколци се приклучија кон бојкотот на наставата  организиран од страна на средношколскиот пленум. Како и во останатите средни училишта во кои учениците ја бојкотираат наставата, и во охридската гимназија денес наместо класична настава, се одржуваа алтернативни часови.

Гимназијалците го поддржаа Средношколскиот пленум во  барањата до Министерството за образование и наука и министерот Абдилаќим Адеми да ги стопира, како што велат, лошите реформи во образованието, односно да биде вратен стариот концепт на државна матура и укинување на екстерното тестирање за учениците.

-Новиот концепт на државната матура негативно се одразува и врз сегашните матуранти и врз идните и не придонесува за повисок квалитет и повисоки знаења. Тука е вклучено и електронското полагање и полагањето во седум дена кое за нас е многу напорно, несигурно и неприфатливо. Се додека нашите барања, односно барањата на Средношколскиот пленум не се сослушаат и не се почне со нивно решавање, ние ќе им се приклучиме на нашите соученици од другите градови и ќе ја бојкотираме настабата. Воедно бараме враќање на стариот концепт на државна матура од 2013 година.-беше истакнато во прогласот што беше прочитан пред охридската Гимназија. 

Протест против реформите во средното образование и концептот на државна матура, денеска се одржа и во средното стручно училиште „Св. Кирил и Методиј“ во Охрид. Учениците од Економско ја бојкотираа наставата и се приклучија на барањата на Средношколскиот пленум.

Министерот Адеми вчера ги повика средношколците да се вратат во училишните клупи и дека во зависност од неговата агенда ќе може да усогласи термин за средба со средношколците, независно од тоа дали ја бојкотираат наставата или не.

OhridNews