Илјадници граѓани од сите градови во земјата од различни етнички заедници и вери, се собраа пред Владата на Република Македонија, каде попладнево започна протестниот собир под мотото „Граѓаните за Македонија, доаѓаме“, поддржан од граѓански здруженија, невладини организации, студентскиот пленум и политички партии од опозцијата.
Пред граѓаните први се обратија претставници од студентскиот пленум на македонски и албански јазик.
-Тука сме да ви кажеме доста! Не сакаме таблети кога студенстските домови ни личат на средновековен затвор. Ви покажавме како изгледа демократија, транспарентност и да се бориш во она што веруваш. Бараме од вас драги граѓани не само да ги почитувате овие вредности, туку и да ги применувате за да не се повтори никогаш средношколци и студенти да ве учат вас постарите што е демократија.
– Никогаш повеќе технократија и да не се заборават притворените од 5 мај!-порачаа од Студентскиот пленум. Порачаа дека тие ќе бидат коректив на секоја влада и дека сакаат да живеат дома, а не надвор.
На протестот се обрати и режисерот Александар Поповски, кој говорот го започна со позната театарска реплика.
–Нешто е гнило во државата Македонија и затоа таа мора да оздрави. Денеска стојам на страната на луѓето кои протестираат. Простетирам за сите неправди во Република Македонија.-рече Поповски.
Пред неколкуте илјади граѓани се обрати и Никола Димитров, поранешен заменик-министер за надворешни работи и поранешен амбасадор на Македонија во САД и во Холандија.
– Во оваа зграда седат луѓе кои наместо на граѓаните им служат нив, а нас не плашат. Има еден избор или оваа власт или Македонија. За мене кој 18 години работев за Македонија, денес се чуствувам најкорисно. Фала ти Никола што не обедини, не обедини да го одбраниме уставот од тебе и сите заедно, а не има од секаде, бараме одговорност , бараме оставка, рече Димитров. Пред насобраните се обратија и Мирјана Најчевска, Владимир Милчин, Петрит Сарачини.
Со овации од присутните беше поздравен лидерот на СДСМ, Зоран Заев кој порача дека се тука дојдени по своето, по својата иднина.
– Испраќам јасна порака во име на сите нас овде, од сите етнички заедници и различни страни на Македонија, здруженија, сојузи, партии , Груевски не одолговлекувај, самиот гледаш твоето заврши, оди си. Во знак на почит и поддршка на безбедносните сили да оддадеме едноминутен молк како почит на загинатите во Куманово.Повикувам и на аплауз за патриотите кои го ставија својот живот на рзик за да ги достават доказите до нас и да се дознае вистината за Македонија. Кукавички од позиција на премиер слушнавме колку сурово се пресметувал со неистомисленици, им рушел објекти , крадел избори се одмаздувал со соработниците и го погазил уставот. Дури и за името скришно се пазарел, сето тоа го слушнавме преку 33 прес конференции од проектот вистината за Македонија. Зарем не е кукавички да се држи во заложништво Македонија? Овде порачуваме со волја или без волја на Груевски тој ќе замине, мора да замине. Друго решение за кризата која е во кумулативна фаза нема, за да се врати демократијата која ја згази, за да ја исправиме на нозе Македонија која е фрлена на колена, за да ги запишеме повторно европските вредности. Денес мириса на слобода, овој 17 мај ќе влезе во историјата на слободна Македонија, рече Заев.
Тој побара оставки и формирање преодна влада која ќе организира фер и демократски парламентарни избори.
OhridNews