На централната воскресна богослужба што синоќа се оддржа на Плаошник во Свети Климентовиот храм Св. Пантелејмон, на која чиноначалствуваше митрополитот Дебарско – кичевски г. Тимотеј, присуствуваше и градоначалникот Никола Бакрачески.
Од Плаошник градоначалникот упати честитка до сите верници посакувајќи им празничните денови да ги поминат во убаво расположение, исполнети со љубов и духовен мир, со почит кон блиските, но и со толеранција и разбирање кон другите.
-На верниците од православна христијанска вероисповест би сакал да им го честитам Велигден и нивната срца да бидат исполнети со добрина, праведност, чесност, во духот на она што значи континуитет на христовата мисија. Би посакал да бидат исполнети со сила и верба во остварување на нивните идеали, во позитивните човекови вредности, моралните и етички големини, коишто ги споделуваат со своите најблиски во семејството, роднини, комшии, пријатели, колегите на работа и сите оние коишто значат нешто во нивниот живот. Посакувам во деновите кои претстојат да видам што повеќе весела и ведра насмевка на сите оние кои деновиве престојуваат во Охрид, не само на охриѓани туку и на туристите кои во голем број дојдоа да ги чествуваат Велигденските празници во Охрид. Како ретко кога во изминатите десет години голем број гости од соседните држави Бугарија, Грција, Албанија, но и од подалечни држави, Романија, Украина Полска и други дојдоа да го прослават Велигден во Балканскиот Ерусалим. – рече Бакрачески.
Во Свети Климентовата црква на Плаошник синоќа присуствуваа голем број верници од Охрид, Македонија и гости кои празниците ги минуваат во нашиот град.
OhridNews