Од раните утрински часови граѓаните на Куманово ги разбудија и ги вознемирија пукотници од огнено оружје и надлетување на хеликоптери над населбата Диво Насеље, на влезот на Куманово, од Скопје, каде што мнозинско население е од абанската етничка заедница. Пред осум часот неколку поединечни истрели се слушнаа и во централното градско подрачје, објави Радио Слободна Европа. Кумановската телевизија Феста објави видео снимка од престрелката.

Големи групи полициски припадници се во населбата, а полиција е распоредена и насекаде во градот. Во Диво Насеље има и возила на итна медицинска помош, а очевидци велат дека има и повредени. Поради состојбата забрането е движење на возила од Зелениот пазар кон населбата.

Албанците кои живеат во оваа населба велат дека се вчудовидени, вознемирени и не знаат што се случува во нивната околина. Тие се револтирани за ова што се случува, но ги повикуваат граѓаните да останат смирени, со студени глави и максимално да соработуваат со полицијата доколку им влезе во домовите да врши претрага. Многумина од нив се исплашени поради што и апелираат да не се излегува од домовите, заради евентуално некој заталкан куршум. – Народот нема ниту за леб, а нема потреба и од никакви конфликти, велат тие.

Кумановци од другите етнички заедници сметаат дека сега е најпотребно единството на сите и сето ова да се надмине без провокации од каков било тип.

Од МВР за МИА потврдуваат дека се презема мерки за разбивање на вооружена група во кумановската „Дива населба“. Портпаролот на МВР Иво Котевски. Вели дека акцијата, која се одвива по претходно добиени оперативни сознанија дека во тој дел од градот има вооружена група, се уште трае.

Од МВР апелираат граѓаните да останат мирни. Од итна помош информираат дека имаат две екипи на терен во тој дел од градот, но и тие немаат детални информации за евентуални повредени лица.

OhridNews
Извор:Радио Слободна Европа