Најсреќен меѓу стотината верници кои утрово се фрлаа по Светиот крст во осветените води на Охридското Езеро, беше 30-годишниот Петар Рупески од Варош, кој прв успеа да доплива до крстот. Рупески, годинава, светиот крст го фаќа по петти пат.
- Секое фаќање на крстот е возбудливо, секое фаќање носи свои импресии и нови возбуди. Еве јас сега сум возбуден како прв пат да го фаќам крстот. Се надевам дека и оваа година, како и сите други години кога сум го фаќал крстот, ќе ми донес среќа, здравје и успех не само во мојата фамилија, туку и во сите други. Имаме едно правило во Охрид сите што сме го фатиле крстот пет пати тука застануваме, но јас не знам дали ќе застанам и дали ова петто фаќање на крстот ќе ми е последно или ќе продолжам и наредните години да скокам по светиот крст, изјави Рупески.
Настанот за одбележување на големиот верски празник Богојавление-Водици и годинава се одржа во организација на Дебарско – кичевската епархија во соработка со локалната самоуправа, а со поддршка на јавните претпријатија, Црвен крст, нуркачкиот центар „Амфора“.
Настанот го следат неколку илјади охриѓани и гости од земјава и странство.
OhridNews
Фото: Мега Продукција/Михаил Постоловски