Вкупно 179 патници од кои најголемиот дел македонски иселеници од Швајцарија доцна попладнево слетаа на Охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“, како дел од првиот лет на линијата Базел-Охрид од нискотарифната компанија „Виз ер“.
Патниците од авионот кои имаа охридско и струшко потекло не го киреа своето задоволство што отсега ќе може да летаат директно до својот роден крај.
-Многу значи оваа линија за нас, цената е прифатлива и се надеваме дека ќе можеме почесто да доаѓаме во Македонија. До сега доаѓавме еднаш на две години, но сега ќе доаѓаме секоја година, ни изјави млад патник, со потекло од Охрид.
Негов сопатник со струшко потекло истакна дека е особено среќен што по 50-години живеење во странство може директно да лета до Охридскиот аеродром.
Според најавите, директна линија Охрид – Базел ќе има до октомври два пати во неделата, во среда и во недела.
–Базел е втор град во Швајцарија што се опслужува од Охрид и е познат како центар во кој живеат и многу печалбари од охридско-струшкиот регион. Оваа линија исто така ќе овозможи подолгорочен прием на патници од Македонија, но и патници кои ќе имаат потреба да ја користат оваа линија од туристички или за бизнис причини, изјави Зоран Крстески директор на „ТАВ Македонија“.
Градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески кој беше дел од свечениот пречек на првиот лет од Базел истакна дека му претставува огромно задовоство што на Охридскиот аеродром во еден ист период од денот слетуваат и полетуваат по неколку авиони.
-По авио линијата Охрид-Лондон, ова е втора линија која што во период од две недели се воспоставува до Охридскиот аеродром. Ја користам оваа прилика да им се заблагодарам на сите актери за реализација на овој проект за редовни авиолинии кон Охрид почнувајќи од Владата на Република Македонија, „ТАВ Макеоднија“, компанијата „Виз ер“ и службите на локалната самоуправа, рече Бакрачески.
Тој изрази надеж дека воспоставувањето на овие редовни авио линии ќе претставуваат почеток на едно ново поглавје за равој на целиот регион во насока на подигнување на локалниот економски раст и за развој на туризмот.
Инаку од компанијата „ТАВ Македонија“ истакнаа дека како резултат на новите авиолинии до Базел и Лондон и чартер летовите до Холандија, Австрија и Белгија, очекуваат пораст на авиосообраќајот на аеродормот „Св. Апостол Павле“ во текот на летото.
OhridNews