Мирно и без инциденти заврши протестот против полициската бруталност, кој се одржа попладнево во Охрид. На протестот кој започна пред споменикот на „Свети Кирил и Методиј“ учествуваа неколку стотици граѓани кои носеа транспаренти и скандираа различни пароли.

На демонстрантите не им беше дозволено да го изразат своето незадоволство пред зградата на СВР Охрид, бидејќи истата беше обезбедена со силно полициско обезбедување, непосредно пред објектот на ЕВН. Дел демострантите на мирен начин се обидоа да пријдат до полициската зграда од пристапот на Противпожарната станица, но и оттаму беа спречени од полициско обезбедување.

Освен скандирање, демострантите палеа и свеќи во спомен на Мартин Нешковски, кој беше убиен во 2011 година.

На протестот кој беше најавен преку социјалните мрежи, учесниците побараа одговорност и оставка на владата.

– Да се смири ситуацијава, а за да се смири владата треба да си оди за да се створат нормални услови да се седне да се разговара, а се во интерес на младите, а не за нас постарите.

-Без насилство, да биде мирно, како што е во Охрид и да се смени оваа власт, бидејќи е  ред.

– Бараме оставка на министерката Јанкулоска. Ние овде протестираме против полицијата односно против бруталноста што ја употребува полицијата. Ние ги разбираме од една страна дека работат под присила, но мислам дека ќе се освестат и ќе ни се придружат да му кажеме чао на овој тоталитарен режим, кој ќе падне, а прашање на време е кога ќе се случи тоа. – рекоа дел од демонстрантите.

Овој собир беше организиран преку социјалните мрежи, а освен во Охрид вакви собири истовремено се организираа и во Скопје, Битола, Прилеп, Струмица и уште во неколку други градови низ Македонија. 
.

Околу 20 часот учесниците на протестот мирно се разотидоа. 

Инаку, протестите започнаа пред три дена во Скопје по објавувањето на аудио записи од страна на опозицијата за односот на власта кон убиството на Мартин Нешковски во 2011 година. Граѓаните бараат одговорност од носителите на јавни функции за овој настан, додека владата тврди дека биле преземени сите неопходни мерки и случајот бил професионално расчистен.

Фото галерија од протестите во Охрид


За време на протестот сообраќајот во центарот на Охрид беше запрен

OhridNews