Вистинска драма денеска се случуваше  во станбена зграда на бул. Туристичка на излезот од Охрид, која беше зафатена од пожар.  Огнот кој од засега непознати причини избил во стан на четвртиот кат од северната страна на зградата, брзо се проширил по вертикалата и ги зафатил горните катови од 7-катницата.

Во моментот на избивање на пожарот во станот имало жена со две деца, која според изјавите на надлежните од професионалната противпожарна служба, во паника, сакала да го фрли едното дете од четвртиот кат за да го спаси. За среќа присебните пожарникари успеале навреме да влезат во опожарениот стан и да ги извлечат неповредени трите лица.

Од зградата се евакуирани стотина жители, а десетина од нив се хоспитализирани поради вдишување чад. Околу 15 часот пожарот е целосно ставен под контрола.

-Задовослтвото е наше затоа што нема повредени ниту граѓани ниту пожарникари. Пожарот е ликвидиран, а нам ни останува да ја провериме уште еднаш целата вертикала.-изјави Спасе Прентоски, командир на ПТППЕ Охрид.

Во акцијата за гаснење на пожарот учествувале пет возила со 15 пожарникари. Во евакуација на станарите учествуваа и граѓани од соседството и случајни минувачи. 

Во пожарот предизвикана е материјална штета чија висина дополнително ќе се проценува. Истрагата треба да ги утврди и причините за пожарот кој ги доведе во опасност жителите во зградата на булевар „Туристичка“.

 

Местото на пожарот попладнево го посети градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески со соработниците.  

OhridNews