48 единици крв се собрани во крводарителската акција „ОХРИД СПАСУВА ЖИВОТИ“, што се одржа денеска во спортската сала на ОУ „Григор Прличев“.

Целта на акцијата што ја организираа општинската организација на Црвен крст Охрид и  Општина Охрид, е да се обезбедат потребите од крв и крвни продукти за пациентите во здравствените установи во Охрид.

На повикот за учество во акцијата се одзваа голем број хумани граѓани, млади, вработени во јавни претпријатија и служби, како и членовите на навивачката група „Рибари“, кои уште еднаш покажаа исклучителна хуманост и верност кон својот град.

Согласно протоколите за работа во услови на пандемија од КОВИД-19,  беа преземени сите потребни заштитни мерки за безбедно дарување крв на сите крводарители.

Во рамки на хуманитарната акција, градоначалникот на Охрид Константин Георгиески оствари средба со директорите на Институтот за трансфузиона медицина од Скопје, Садула Усеини и Венко Стомнароски, на која присуствуваше и претседателот на ОО Црвен крст Охрид Сашо Точков.

Заеднички беше заклучено дека задоволителниот број на собрани единици крв и добрата организација на настанот се само повод за организирање на вакви или слични други настани со хуманитарен карактер. – напиша на Фејсбук градоначалникот Георгиески.

Г.М.