Договорот го потпишаа 17 земји од ЕУ кои го користат еврото, како и Данска, Летонија, Литванија, Полска, Романија и Бугарија, кои евентуално би можеле да ја воведат заедничката валута.
Велика Британија категорично го одби договорот, додека Шведска, Унгарија и Чешка ја оставија можноста договорот да го потпишат во некој момент.
Договорот беше потпишан бидејќи во изминатите две години земјите од еврозоната се потресени од должничка криза која ја загрози заедничката валута. Германија и Франција посебно се залагаа новите правила да се придодадат на основниот договор на ЕУ, за да се уверат пазарите дека членките ќе можат да ги отплаќаат своите долгови и дека слична криза нема да се случи.
Тие 23 земји ќе мораат законски да се обврзат дека дефицитот ќе го држат под 0,5 отсто од бруто домашниот производ и дека тоа ќе може да се прекрши само во вонредни околности или во борба против рецесијата. Европскиот суд на правдата ќе обезбеди сите потписнички да се придржуваат на договорот. Кога некоја од членките во дефицитот го пробие плафонот од три отсто од БДП, автоматски ќе ги сноси последиците, освен ако на тоа не се спротивстави квалификуваното мнозинство од членките.
Сега ќе биде потешко некоја земја да спречи нејзината држава-партнер да биде казнета заради кршење на правилата за долгот и дефицитот. Во минатото некои влади често ги штитеа партнерите од санкции. Сега сите држави мораат на своите партнери однапред да им кажат колку планираат да се задолжат преку продажба на обврзници.
Договорено е еврозоната заедно со другите членки на ЕУ кои тоа го сакаат, да дадат на Меѓународниот монетарен фонд(ММФ) до 200 милијарди евра, така што тој фонд ќе може да помага во заштитата на еврозоната.
Новиот фонд на еврозоната, Европскиот стабилизациски механизам, ќе го замени постојниот Европски фонд за финансиска стабилност една година пред планираното – во јули 2012 година.
Лидерите на ЕУ не успеаја да постигнат договор за зголемување на стабилизациониот фонд кој моментално располага со 500 милијарди евра. Исто не беа договорени ниту поголеми овластувања на Европската комисија во фискалната политика на членките кои не ги почитуваат правилата.
Не е договорено и од фондовите за помош директно да се докапитализираат проблематичните банки, што би можело да спречи одделни земји повеќе да се задолжуваат кога ќе мора да ги исплаќаат кредиторите.
Извор: “Макфакс”