Евроамбасадорот Жбогар денеска во Охрид ја промовираше новата еколошка кампања „За чисто како дома исто“, која има за цел преку поддршка на еко активизмот да ја подигне свеста кај граѓаните, но и кај локалните власти за заштита на животната средина и поголема јавна чистота.

Една кампања не може да апсолвира вака голем проблем и долгогодишното занемарување на прашањата кои се однесуваат на заштита на животната средина, но може да помогнеме да се чуе гласот на добрите луѓе кои водат грижа. – изјави Жбогар.

 

Во рамки на кампањата „За чисто како дома исто“ евроамбасадорот Жбогар денеска во Охрид се сретна со активисти од регионот со кои разговараше за еколошките проблеми.

Сакаме да ги поддржиме активистите кои се гржат за животната средина, а ќе работиме и со градоначалниците да бидат поактивни и да ги поддржуваат активистите и акциите за  почисти општини. – додаде Жбогар.

Запрашан за Извештајот на Комитетит за светско наследство на УНЕСКО, кој содржи сериозни забелешки за заштитата на универзалните вредности на Охридскиот регион, поради што тој би можел да се најде на листата на загрозени подрачја, Жбогар истакна дека не може да коментира извештај на УНЕСКО бидејќи не го претставува, но смета дека истиот треба да биде сфатен како најголем можен аларм. Ова треба да ги разбуди сите надлежни институции да преземат итни мерки со кои ќе запре деградацијата на културното и природно наследство на Охрид, рече Амбасадорот на ЕУ.

Ќе биде штета за државата и граѓаните доколку Охрид го загуби статусот на заштитено светско наследство од УНЕСКО. Затоа сите треба да се обединат и да се направи се што е потребно, односно се што бара УНЕСКО за Охрид да остане на глобалната листа на места со значајни природни и културни вредности. – рече Жбогар.

Инаку, активностите од кампањата која ќе се реализира во 8 градови под брендот „ЕУ за тебе“, ќе траат до 19 јуни.

Г.М.