Во земјата се регистрирани нови 22 случаи на коронавирус, со што бројот на инфицирани денеска до 12 часот се искачи на 136, информираше на редовната пресконференција министерот за здравство Венко Филипче.
Најмногу заболени има во Скопје 81, по што следи Дебар – 40.
Регистриран е и втор смртен случај во земјата. Се работи за 63 годишен пациент од Дебар кој починал од компликации од коронавирус на Инфективната клиника во Скопје.
Тој бил хоспитализиран на 17 март без покачена температура, но со наод на белите дробови. Вчера неговата состојба нагло се влошила и тој починал.
Министерот Филипче исто така информираше дека 7 лица се излекувани од коронавирус.
Филипче информираше дека од денес во функција се ставени 14 центри за тестирање, а во системот се вклучени сите матични доктори, кои преку електронски алгоритам ќе ја проценуваат итноста за тестирање.
Министерот за здравство информираше дека Главниоот координативен штаб дефинирал дополнителни мерки во борбата со коронавирусот кои ќе се однесуваат на повозрасната популација и младите. Истите ќе бидат разгледани на седница на Владата што ќе се одржи попладнево.
OhridNews