По повод Денот на шегата, ОУ „ Св.Климент Охридски“ во соработка со Лајонс клуб „ Десарети“ денес одржа маскенбал.
– Оваа година манифестацијата доби поголем размер, бидејќи беа вклучени и професори и ученици од козметичките паралелки при средното училиште „ ОЕМУЦ „ Св. Наум Охридски“ Практикантите ги исполнуваа желбите на учениците за цртање на нивната омилена маска на лицето. Среќните лица и широките насмевки зборуваат за нивната радост, односно кажаа дека оваа манифестација ќе стане традиционална, велат од училиштето.
Денот на шегата го одбележаа и учениците од Дебрца и Корошишта во рамки на проектот за Мултиетничка интеграција во образованието и склучениот партнерски договор помеѓу училиштата ОУ„ Дебрца“ село Белчишта и ОУ„ Нури Мазари“ село Корошишта. Околу 200 ученици од одделенска настава заедно со нивните наставници носејќи различни маски и шаренило од бои покажаа дека за децата не постојат никакви бариери, бидејќи секогаш зборуваат со јазикот на љубовта и со отворените детски души и насмевки.
Домаќините на сите присутни им приредија срдечен пречек и со дефиле на маскираните дечиња по улиците на селото ги израдуваа жителите на Корошишта со ваквиот несекојдневен настан. Покрај богатата забавна програма и дружење најдобрите и најкреативни маски беа почестени со признанија и скромни награди.
Облечени во креативни костими низ градските улици денес можеа да се забележат и учениците од ОУ Григор Прличев. Нивната организирана прошетка низ чаршијата и улиците првоаприлски ги расположи и минувачите, но и оние кои присуствуваа на организираната приредба на плоштадот.
OhridNews