Македонскиот рекордер и олимпиец, Дарио Ивановски, победи на главната трка на 21 километар на 8. издание на Атлетскиот викенд „Охрид трчаТ“, што се одржа денеска низ улиците на Охрид.

Дарио полумаратонот го истрча за 1 час 10 минути и 1 секунда. На второто и третото место се пласираа атлетичарите од Бугарија Михаил Валковски (1:14:00ч.) и Николај Николов (1:15:44).

Најдобар резултат во женска конкуренција во трката на 21 километар оствари Милјана Ристиќ oд Македонија со резултат 1:30:01 ч., Јована Шубатлија од Србија заврши втора(1:30:40ч.), а трета финишираше уште една македонска натпреварувачка, Фросина Михајловска (1:31:35ч.).

Во трката на 5 километри победи Мирослав Спасов од Бугарија со време 18:11 минути, пред тркачите од Македонија Александар Арсов (19: 16м.) и Ријат Шеипи (19:32м.).

Во женска конкуренција на 5 километри најбрза беше Емили Иваноска од Македонија со време 24:25 минути, пред сонародничката Дарија Крстевска (24:28м.) и Весела Панчева од Бугарија (25:21м.).

Во штафетната трка на 21 километар најбрза беше екипата на Делта од Скопје, Македонија со време 1:15:55 часа, пред АК Аеродром (1:33:08ч.) и Стребениотес1 од Грција (1:34:02).

Наградите на најдобрите атлетичари им ги врачија претседателката на Македонија Гордана Сиљановска Давкова и градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков.

На „Охрид трчаТ“ оваа година учество зедоа рекордни 2200 натпреварувачи од 31 земја. За организацијата и безбедноста на настанот кој мина во одлична атмосфера се погрижија 500 волонтери и припадници на полицијата.

Г.М.
Фото: А. Момироска