Тешко повреден возрасен учесник во сообраќајната несреќа што се случи на магистралниот пат Кичево – Гостивар кај селото Колари, кој беше хоспитализиран во специјалната болница „Св. Еразмо“ во Охрид, синоќа, им подлегнал на повредите на пат кон Ургентниот центар во Скопје. Со тоа бројот на жртвите во несреќата што се случи вчера попладне околу 18.20 часот се искачи на четворица. Две од починатите лица се деца.
-Од здобиените повреди, на лице место починале две малолетни девојчиња родени 2015 и 2013 година и двете од кичевското село Зајас додека во општата болница во Кичево починал Амзи И. (46) од Скопје. Доцна синоќа, на пат од болницата „Св.Еразмо“ во Охрид кон ургентниот центар во Скопје, на повредите им подлегнал и Деар А. (26) од кичевското село Зајас. Во сообраќајната незгода, со тешки телесни повреди се здобиле Х.А. (26) од кичевското село Зајас и В.А. (31) од скопското село Свиларе. Тие се пренесени во Ургентниот центар во Скопје. – информираше портпаролот на СВР Охрид Стефан Димовски.
Во тешката сообраќајна незгода учествувале патничко моторно возило марка „Волво“ со кичевски регистарски ознаки, управувано од сега починатиот Деар А. што по магистралниот пат се движело од Гостивар према Кичево и товарно (пикап) моторно возило марка „Форд-конект“ со скопски регистарски ознаки, управувано од сега тешко повредениот В.А. што се движело во спротивна насока.
На критичното место, поточно на влезот кај селото Колари, на левата сообраќајна лента од коловозот во правецот од Гостивар кон Кичево се случил судар со предните делови од двете возила.
На лице место извршен е увид во присуство на јавен обвинител како и полициски екипи од полициската станица во Кичево..
По наредба на јавниот обвинител, во текот на денов врз телата на сега починатите ќе биде извршена обдукција како и вештачење врз патничките моторни возила.
За време на увидот, сообраќајот на магистралниот пат се одвиваше со наизменично пропуштање на патничките и други моторни возила.
Полициската станица за безбедност во патниот сообраќај од Кичево презема дополнителни мерки за утврдување на причините за тешката сообраќајна незгода.
Г.М.