Локалната самоуправа на Охрид во соработка со ЈЗУ Центар за јавно здравје денеска, во петок, сабота и недела (9, 10,  11 и 12  јули 2015 година)  ќе врши терестичко запрашување против комарци, ноќни пеперутки и други инсекти.

Запрашувањето ќе се одвива во ноќните часови од 21 часот до 6 часот, на крајбрежјето на Охридското Езеро на потег од село Подмоље до Горица, територијата на град Охрид, приградските населби, потегот на река Грашница, Коселска Река, село Велгошти, крајбрежниот дел пред населбата Св.Стефан и крајбрежниот дел од автокамп Љубаништа до комплекс Св.Наум.

Поради запрашувањето против инсекти, Локалната самоуправа ги известува пчеларите  на 9, 10,11 и 12- ти јули 2015 година, да не ги пуштаат пчелите од кошниците, односно да ги преземат потребните мерки за нивна заштита. Исто така граѓаните на општина Охрид се известуваат дека препаратот со кој ќе се изврши запрашувањето не е штетен за луѓето и животните, односно водата и почвата.

Како што дознаваме, дополнително викендов во Охрид ќе се врши и авионско запрашување, со цел елиминирање на инсектите кои енормно се намножија овој период во охридско.

Доколку временските услови не го овозможат вршењето на дезинсекцијата, терестичното и воздушното запрашување ќе се изврши во наредниот поволен период.

Инаку, вистинска инвазија на бели пеперутки овие денови се случува во Охрид. Во вечерните часови роеви пеперутки ги прекриваат светилките и околните објекти во близина на крајбрежјето, но и во периферните населби. До надлежните институции секојдневно пристигнуваат поплаки на граѓани, а во здравствените установи повеќе пациенти се пожалиле на алергија предизвикана од овој инсект.

-Се повеќе пациенти се жалат на алергија, а имаме информација дека десетина биле примени во интерното одделение, од кои двајца со потешка слика.-изјави д-р Виолета Мицкоска, општ лекар.

Пеперутките кои ги привлекува светлото од рефлекторите на отворената летна сцена „Долни сарај“ го попречуваат нормалното одвивање на Балканскиот фестивал на народни песни и игри, поради што организаторот не ја исклучува можноста од преселба на фестивалот во затворени простории.

-Се надевам дека ќе се нормализира состојбата, доколку не ние имаме и затворен простор на располагање.-рече директорката на Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид, Драгана Боцеска.

Според биолозите се работи за автохтона пеперутка од видот „Euproctis chrysorrhoea“ која ја има во Охридско и во Македонија, и дека оваа година од засега непознати причини таа е пренамножена. 

OhridNews

Ќе се спроведе прскање против белите пеперутки кои го „нападнаа“ Охрид

Видео + фото: И оваа ноќ роеви инсекти околу уличните светилки