Бриселскиот оператор за јавен транспорт „Стиб“ објави дека во експлозијата на станицата на подземната железница Малбек, загинале 15 луѓе, а ранети се 55 луѓе, од кои десет се во критична состојба, и според последните податоци заедно со загинатите на аеродромот „Завантем“ бројот на жртвите од терористичките напади се искачи на 28.
Белгиското радио објави дека уште експлозии одекнале по 11 часот, во ткн. европски кварт. Се наведува дека со оваа информација треба да се биде претпазлив, бидејќи постои можност полицијата да активирала откриена експлозивна направа. Медиуми објавија дека бројот на повредени кај меѓународниот аеродром Завентем изнесува 81, но не е позната нивната состојба.

Белгискиот јавен обвинител Фредерик ван Леув, потврди дека на аеродромот Завентем е изведен самоубиствен бомбашки напад. „Една од двете експлозии на аеродромот одекнала на терминалот за полетувања, а станува збор најверојатно за самоубиствен напад“, изјави ван Леув. Додаде дека е прерано за да се наведе конечниот број на жртвите. „Се случи она од што стравувавме. Нашата земја е погодена од слепи, насилни и кукавички напади“, изјави премиерот Шарл Мишел на вондредната прес-конференција. Ги повика сонародниците да останат „обединети и солидарни“. „Белгиските власти работат на обезбедувањето на другите места кои би можеле да бидат нападнати“, рече Мишел.

Прогласено е највисоко ниво на тревога, а контролата на границите е зајакната и во нив учествува и војската. „Во овој трагичен момент за нашата земја, повеќе од кога и да е ги повикувам сите да останат смирени, но и да бидат солидарни. Соочени сме со тешка ситуација и за да се справиме со неа мора да бидеме единствени“, порача белгискиот премиер.

Белгискиот министер за внатрешни работи Жан Жамбон претходно изјави дека земјата е на висок степен на готовност поради можни одмазнички напади по апсењето на Абдеслам. „Знаеме дека запирањето на една ќелија може да поттикне друга акција. Свесни сме за тоа, што се однесува до овој случај“, изјави Жамбон за белгиското јавно радио.

OhridNews
извор Макфакс