Бројот на мртвите во еден од најсилните земјотреси што последните децении го погоди Евкадор се зголеми на најмалку 233 луѓе, објави претседателот Рафаел Кореа, а спасувачите со трактори и голи раце очајнички трагаат по преживеаните во разорените крајбрежни градови, пренесува „Макфакс“.
Земјотресот со магнитуда од 7,8 степени по Рихтер го погоди брегот на Тихиот Океан во саботата, а бил почувствуван на целата територија на Еквадор предизвикувајќи паника меѓу неговите 16 милиони жители.
Властите ги повикаа жителите на крајбрежните области да се евакуираат поради стравувања од појава на цунами. Исто така, сеизмолозите предупредуваат дека треперењето на почвата може следните неколку дена да предизвика нови силни потреси.
Престрашените жители излегле и на улиците на главниот град Кито, оддалечен стотина километри од епицентарот на потресот. Жариштето на земјотресот е регистриран на длабочина од 20 километри и се почувствувал ширум земјата.
Претседателот Рафаел Кореа, кој итно се врати во татковината од патот во Италија, изјави дека е потврден бројот од 233 жртви. „Најголем приоритет е да се спасат луѓето од под урнатините“, напиша на Twitter.
Повеќе од 1.500 луѓе се повреден, објавија властите во неделата. Крајбрежните области, кои се најблиску до епицентарот се најмногу погодени, особено руралното туристичко место Педерналес, во покраината Манаби, познато по убавите плажи.
„Луѓето се заробени на разни места, и започнавме со спасувачките операции“, изјави потпретседателот Хорхе Глас во неделата пред да се качи во авионот со кој одлета во посета на погодените области. Во шест покраини прогласена е вонредна состојба.
„Селата се целосно разорени, изјави градоначалникот на Педерналес, Габриел Алсивар, додавајќи дека во руралните области има „десетици и десетици загинати. „Ова што се случи во Педерналес е катастрофа“, додал.
Во првите четири часа по главниот потрес, регистрирани се околу 50 последователни потреси.
Ова е најсилниот земјотрес што го погодил Еквадор од 1979 година, Земјата се наоѓа во зоната на ткн „Пацифички огнен прстен“, сеизмички најактивната област на планетата. Од 1900 година, седум земјотреси со јачина од 7 или повеќе степени по Рихтер имале епицентар во радиус од 250 километри од саботниот земјотрес, објави Геофизичката служба на САД.
OhridNews
извор: „Макфакс“