Бизнисменот и актуелен советник Нефи Усеини и неговиот брат Ибро, претпладнево сами се пријавиле за издржување на мерката притвор во траење од 8 дена, што им ја одреди судот за инцидентот што се случи минатата недела пред хотел во Охрид.

Браќата Усеини беа недопстапни за истражните органи по изрекуваето на притворот се до утрово кога сами се пријавиле за издржување на мерката. Се очекува тие да бидат изведени на распит пред јавен обвинител.

Како што веќе информиравме, непосредно по немилиот настан, СВР Охрид до надлежното Јавно обвинителство поднесе кривична пријава против бизнисменот и актуелен советник Нефи Усеини (45) како и против неговиот брат Ибро Усеини (48), двајцата од Охрид, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „насилство“ и „неовластено држење на оружје или распрскувачки материјали“, а во врска со инцидентот што се случи на 18 август претпладнето во хотел во центaрот на градот, каде физички бил нападнат охриѓанецот Спирко Топалоски. Меѓутоа, засега браќата Усеини се товарат само првото дело „насилство“.

Оштетниот Спирко Топалоски во изјава за медиумите, по инциденот истакна дека физичката пресметка со Усеини, за кој инаку кажа дека се долгогодишни пријатели, се случила пред очите на неговиот малолетен син и дека во инцидентот бил употребен и пиштол. Подоцна тој го промени исказот, официјално изјавувајќи дека не видел пиштол, и оти добил погрешен впечаток. Тој додаде дека недоразбирањата помеѓу него и Нефи Усеини се надминати.

Нефи Усеини, исто така во изјава за медиумите, дематирше дека употребил пиштол во тепачката со кој според пријавата го удирал оштетениот. Тој тогаш истакна дека во критинкиот момент воопшто не носел пиштол и оти на Топалоски само му удрил неколку тупаници затоа што го навредувал.

Меѓутоа, официјално, Јавното обвинителство по службена должност и натаму води истражна постапка и прибира докази и за делото неовластено држење оружје и распрскувачки материјали.

Г.М.