208 сантиметри високиот центар од САД, Камерун Мур, кој ненадејно почина на првиот тренинг со екипата на КК АВ Охрид, синоќа во спортската сала Билјанини извори, умрел од природна смрт, покажале резултатите од обдукцијата која денеска ја изврши Институтот за судска медицина.

-Се работи за природна смрт којашто настапила синоќа околу 21.30 на терените на СРЦ Билјанини извори во Охрид. Во еден момент на тренинг на кошаркарскиот клуб на играчот му се слошило по што со возило на брза помош бил пренесен во општата болница каде била констатирана смрт.– изјави Стефан Димовски, портпарол на СВР Охрид. 

Камерун Мур е роден на 12 ноември 1990 година во американската сојузна држава Алабама. Четири сезони играл за колеџ екипа, а во 2012 година влегува на драфт листата за НБА играчи, но не е драфтуван. Настапувал на летните НБА кампови по што во 2013 година се сели во Европа каде две сезони минува во италијанските клубови Реџиа Касета и Венеција. На 3 октомври тој пристигнал во Охрид каде требаше да му се придружи на локалниот кошаркарски клуб Охрид, но неговиот живот ненадејно згасна на првиот тренинг со екипата.

КК АВ Охрид изрази жалење за трагичниот настан и упати сочувство до семејството на американскиот кошаркарски интернационалец.

OhridNews