Под мотото „Покажи ја твојата љубов и грижа за езерото“, денеска се организираше акцијата за чистење на цврстиот отпад од дното на Охридското Езеро. Во рамки на акцијата која ја спроведува Клубот за подводни дејности од Охрид, ќе биде опфатен крајбрежниот потег од Пристаништето до Канео.
-Во акцијата за чистење се вклучени сите членови на клубот, особено постарите членови. Ова е традиционална акција која ја споведуваме неколку години наназад, пред почетокот на летната сезона. Целта е да биде исчистен поплиткиот дел од езерото односно капалиштата, од најразлични остри предмети кои би можеле да бидат опасност за капачите, вели Горан Балевски, од Клубот за подводни дејности.
Проектот за чистење на езерото има за цел да го сврти вниманието на јавноста и да ја подигне еколошката свест на населението за последиците од загадувањето на Охридското Езеро.
-Во делот на крајбрежните води има најразличен цврст отпад – од пластика до апарати за домаќинство. Во рамки на минатогодишното чистење извадивме големи количини на остатоци од стаклени чаши и шишиња. Но може да кажеме дека од година во година се намалува количината на цврст отпад кој се вади од дното на езерото, што значи дека акцијата за чистење веќе има влијание врз свеста на граѓаните да не фрлаат отпад во езерото, појаснува Балевски.
Активностите за чистење на Охридското Езеро се финансиски поддржани од општина Охрид, во рамки на програмата за животната средина.
Е.М
Фото: Емилио