Актери, професори, спортски работници од Охрид, денеска на прес конференција, изразија подршка на Граѓанското движење за одбрана на Македонија.
Ставовите на граѓанското движење се изнесени во Проглас кој го прочита актерката Билјана Билаловиќ.
– Ние граѓаните на Република Македонија, обединети и сплотени во Граѓанското движење за одбрана на Македонија, следејќи ги светлите традиции на нашите претци, кои низ вековите несебично го давале својот живот за македонската кауза, повикуваме на будност и одбрана на нашата татковина. Поединци, групи и партии, понесени од својата алчност за власт, не бираат средства и ги поткопуваат темелите на правната држава.Суверенитетот на Република Македонија произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните. Власта во сите демократски држави се добива и се губи на избори. Само граѓаните на Македонија одлучуваат за Македонија. Не смее да се дозволи ниту еден граѓанин ниту еден наш човек да биде инструмент на било кој странски интерес, рече Билаловиќ.
Граѓанското движење го осудува секој обид за дестабилизација на земјата и секое вмешување на странски служби и интереси во домашните работи.
– Меѓу нас може да има битки, натпревари, судир на концепти, на интелектуална мисла, но никако во тие наши македонски работи не треба и не смее да се користи логистиката и подметнувањата на странските служби.Низ целата наша историја, а за жал и ден денес, странските служби и странските пропаганди се рак рана на Македонецот. Интересите на странските служби секогаш се спротивни со нашите македонски интереси и затоа треба принципиелно и решително да се отфрлат, а било какво сојузништво со странец против Македонец да се осуди од целото општество.Ние сакаме мир и стабилност во нашата држава и нема да дозволиме поделба на македонското национално ткиво по ниту една основа. Ние сакаме напредок на општеството и државата во секоја сфера и затоа решително ќе го обезбедиме тој демократски простор. Ќе го победиме стравот, паранојата, немирот и нестабилноста кои ни ги сервираат однадвор, стои во Прогласот кој во име на подржувачите на Граѓанското движење од Охрид го прочита актерката Билјана Билаловиќ.
Охридските подржувачи на движењето ги повикаа граѓаните да се стават на браникот на Татковината и, како што рекоа, да покажат храброст и мудрост, како и дека Македонија и Македонецот не се и нема никогаш да бидат монета за поткусусрување на странските интереси, држави и служби.
OhridNews